Термоблок 2 во РЕК „Битола“ утрово автоматски бил исклучен од електроенергетскиот систем како последица на зголемена температура од опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување. Од Комбинатот соопштија дека се работи за потенцијална саботажа, поради што веднаш по настанот, надлежните служби на РЕК реагирале според оперативните протоколи. За случајот била известена Криминалистичката полиција, која извршила увид на местото на настанот со цел утврдување на сите околности.
„По завршувањето на полицискиот увид, стручни екипи од РЕК ‘Битола’ веднаш ќе започнат со детална анализа за согледување на евентуалната настаната штета и утврдување на точната причина за зголемувањето на температурата“, соопштија од Комбинатот.
Блокот 2 е исклучен во период кога не работат ни другите два блока. Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт, додека Термоблокот 3 е исклучен од мрежата поради актуелните намалени потреби за електрична енергија од страна на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
„Задоволувањето на потребите за електрична енергија на државата во целост е обезбедено преку зголемено производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку купопродажба на енергија од Националниот оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО)“, соопштија од РЕК.
Од СВР Битола потврдија дека во Полициското одделение Новаци, од РЕК „Битола“ било пријавено дека во 05:30 часот во просторот каде се сместени блоковите за производство на струја во РЕК „Битола“ настанал пожар на заштитна куќарка. Од екипа на противпожарната единица на РЕК Битола пожарот бил изгаснат. Известен бил јавен обвинител, а увид извршила екипа од СВР Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА