ИСКРШЕН СИМБОЛОТ НА БИТОЛА, ВТОР ВАНДАЛИЗАМ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА

    ИСКРШЕН СИМБОЛОТ НА БИТОЛА, ВТОР ВАНДАЛИЗАМ ЗА ЕДНА НЕДЕЛАИскршени се дел од буквите, оштетени се рефлекторите и металната конструкција. (Фото: СДК.МК)

    Уништен е симболот со името на Битола кој беше поставен во Градскиот парк на 4 ноември, по повод 76-годишнината од ослободувањето на градот. Искршени се дел од буквите, оштетени се рефлекторите и металната конструкција. Од Општина Битола вандализмот го пријавиле во полиција, a се работи на санација.

    Симболот со состоеше од буквите со името на градот, каде што на местото на буквата О имаше срце. Тој за кратко време стана препознатлив за Битола, се најде на илјадници фотографии и беше едно од омилените места за граѓаните и посетителите. Беше направен со средства на Општина Битола, поточно минатата година поради пандемијата немаше свечени доделувања на награди со коктели за Денот на градот, 4 Ноември, па средства се искористија за пригодни активности кои ќе остават трага во Битола.

    Ова е втор вандализам за една недела во Битола. Минатиот четврток непознати лица уништија дел од автобуските стојалишта, а претходно и терминал на Јавното претпријатие „Пазари“. Стојалиштата ги стопанисува концесионер, а од СВР Битола тогаш соопштија дека не добиле пријава за нивното уништување.

    „Жално е што ваквите вандалски појави на уништувања на симболите, кои што се дел од нашата култура на живеење, сè повеќе зачестуваат. Општина Битола апелира на разум и негување на објектите, со цел заеднички и конструктивно да придонесеме за создавање слика за нас, како битолчани“, апелираа од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира