Несовесни тетовци ја уништуваат урбаната опрема поставена покрај кејот на реката Пена. Неколку клупи се откорнати од местото каде биле поставени и се фрлени во речното корито на Пена. Ваков вандализам врз урбаната опрема во Тетово е честа појава. Освен клупите често на удар на вандалите се и детските лулашки и другите реквизити за забава поставени во парковите.
Од Општина Тетово апелираат до граѓаните да ги пријавуваат сторителите до надлежните органи кога ќе ги забележат оние што ја уништуваат урбаната опрема.
„Последните фотографии покажуваат неприфатлива состојба за нашиот град. Клупите поставени за граѓаните, со цел да се подобри удобноста и јавната инфраструктура, се оштетени и фрлени во реката. Овој неодговорен чин не само што ја уништува јавната сопственост, туку го загадува и речното корито, за кое нашиот тим посветено работеше за да го исчисти пред неколку дена. Ги повикуваме сите граѓани да се ангажираат во заштитата на јавните простори и да се грижат за нашата заедничка животна средина. Исто така, ги охрабруваме сите кои ќе забележат неодговорни лица што ја оштетуваат јавната површина, веднаш да го пријават тоа на надлежните органи. Само заедно можеме да спречиме вакви ситуации и да го зачуваме нашиот град чист и убав“, апелираат од Општина Тетово.
Општина Тетово досега постави видео надзор на неколку клучни места на кои се поставени контејнери за отпад со цел да ги регистрира оние граѓани кои сметот го фрлаат надвор од обележаните места или фрлаат кабаст отпад во контејнерите. Исто така неодамна се поставени и видео камери покрај неколку клучни места од тетовскиот водовод за да се спречи неовластено стопирање на водата и диви приклучоци на водоводот.
З. АНДОНОВ