ИСЛАХАНЕТО ВО БИТОЛА СЕ ЗАШТИТУВА КАКО СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА, ОТКАКО САКАМДАКАЖАМ.МК ОБЈАВИ ДЕКА СЕ РУИНИРА И ПРОДАВА

    ИСЛАХАНЕТО ВО БИТОЛА СЕ ЗАШТИТУВА КАКО СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА, ОТКАКО САКАМДАКАЖАМ.МК ОБЈАВИ ДЕКА СЕ РУИНИРА И ПРОДАВАДиректорката на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова, рече дека за ислахането е извршена валоризација, но досега објектот немаше статус на посебно заштитено културно добро. (Фото: СДК.МК)

    Завод и музеј Битола го става ислахането, објект од османлиската архитектура стар 120 години, во списокот на објекти под привремена заштита по објавениот текст на САКАМДАКАЖАМ.МК дека се продава и дека објектот е руиниран. Увид врз состојбата на ислахането по повод 18 Aприл, Меѓународен ден на спомениците и локалитетите, изврши министерката за култура Ирена Стефоска, која најави дека дефинирањето на режимот на заштита на објектот ќе зависи од ревалоризацијата која е во тек.

    „Онаму каде што пишува ‘објектот се продава’ нека се допише ‘објектот е заштитен’. Битолското и солунското ислахане се последните два сочувани објекта на Балканот од изградените седум подигнати во османлискиот период , во текот на 19 век, со донации од имотното месно население. Имале исклучителна улога да ги вдомат напуштените деца, сирачињата , децата кои подале рака за корка леб, давајќи им занает , токму во овој објект многу деца израснале во почитувани луѓе“, рече министерката.

    Таа додаде дека, за жал, војните, времето и негрижата се отсликани на ислахането. За тоа како некогаш изгледало денес на вратата беше поставена фотографија од браќата Манаки, која во Архивот ја пронајде долгогодишниот истражувач на нивното дело Роберт Јанкуловски. Овој објект кој некогаш бил занаетчиско училиште во турско време, денес има стара и неодржувана фасада, столбови и тераса во распаѓање, искршени прозорци, ништо не е обновено со децении. Ислахането веќе подолг период е во приватна сопственост и газдите сега го продаваат.

    Директорката на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова, рече дека за ислахането е извршена валоризација, но досега објектот немаше статус на посебно заштитено културно добро.

    „Некогашното занаетчиско училиште од аспект на заштитата овој објект од одамна е интегриран и претставува интегрален дел на секторската студија која се однесува на културното наследство на Битола. Покрај оваа студија, каде е евидентирано ова добро, во 2016 година од страна на стручните лица беа изработени заштитно-конзерваторски основи на предметниот потег, во коишто е вклучено и ислахането. Со тоа е извршена валоризација на овој објект во рамките на целината. Тоа значи дека во овој контекст објектот нема статус на посебно заштитено културно добро“, рече Стојанова.

    Таа додаде дека со цел унапредување и редефинирање на статусот на овој објект како посебен споменик на културата , од страна на стручните лица од Завод и музеј, а во соработка со Министерството и Управата за заштита на културното наследство веќе е започнат процесот за негово ставање под привремена заштита до моментот на негова конечна реализација и ревалоризација која ќе го дефинира заштитниот статус на овој објект.

    Запрашана доколку објектот се продаде, новите сопственици што ќе можат да изменат од него, таа одговори дека „заштитата на еден објект не е врзана за неговата сопственост, туку со конкретниот објект“.

    „Со режимот на заштита ќе бидат конкретно предвидени сите зафати кои може и мора да бидат испочитувани во режимот на негова заштита“, рече Стојанова.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира