СЕ ПРОДАВА ТУРСКОТО ИСЛАХАНЕ ВО БИТОЛА СТАРО 120 ГОДИНИ, ГО НЕМА НА ЛИСТИТЕ НА ЗАШТИТЕНИ ОБЈЕКТИ

    СЕ ПРОДАВА ТУРСКОТО ИСЛАХАНЕ ВО БИТОЛА СТАРО 120 ГОДИНИ, ГО НЕМА НА ЛИСТИТЕ НА ЗАШТИТЕНИ ОБЈЕКТИУчилиштето функционирало до 1912, а по Втората светска војна објектот бил пренаменет во погон на Фабриката за кондиторски производи „Прогрес“ (Фото: СДК.МК)

    Транспарент со натпис „објектот се продава“ е поставен на пространата градба на некогашното турско ислахане, односно училиште за занаети и уметности од османлиско време, кое денес се нарекува стар Прогрес, зашто во СФРЈ таму беше сместена фабриката за чоколада и кекси. Сопствениците ја објавиле продажбата на интернет страниците со огласи, при што се наведува дека „се продава објектот на стар Прогрес, а има можност за продажба на делови приземје 1.523 квадратни метри, прв спрат 1.330 квадратни метри и подрум 559 квадратни метри“. Сопствениците ни потврдија дека објектот е во приватна сопственост и дека го продаваат, повеќе детали за тоа кога и како бил денационализиран не кажаа.

    Ислахането старо над 120 години денес е во руинирана состојба. Стара и неодржувана фасада, столбови и тераса во распаѓање, искршени прозорци, ништо не е обновено со децении. Иако е една од повпечатливите градби во Битола од отоманскиот период, сепак ја нема во листите на заштитени објекти што можат да се најдат на интернет.

    „Овој објект е единствен од свој вид кој е зачуван во Македонија. Скопското ислахане денес не постои, па  битолското е еден редок бисер што државата треба да го стави под заштита и да го прогласи за културно наследство од особено значење“, вели историчатот Васко Гичевски.

    Според истражувањата на Гичевски, кој е одличен познавач на историјата од турско време во Македонија, на територијата на Османлиска Македонија биле изградени само три ислахани: во Битола (1894-1899), Солун (1865) и Скопје (1895). Севкупно, на целата територија на Османлиското царство ги имало 34.

    Битолското ислахане било изградено кога валија на Битолскиот вилает бил Абдул Керим Паша.

    „Училиштето било отворено во 1899 година. Тука се грижеле и ги образувале јетимите, односно сираци. Во суштина, оваа образовна институција била и сиропиталиште и училиште. Образованието траело пет години. Покрај сираците, учеле и сиромашни деца, а настава можеле да посетуваат и децата на имотни родители, но за тоа требало да платат одредена школарина. Објектот го проектирал беледискиот (општинскиот) инженер Хараламбо, а стручен соработник му бил извесен Тодор Михајловиќ“, вели Гичевски.

    Објектот се состои од приземје и кат, со впечатлив влез од страната на патот, изведен со неколку столбови и балкон. Училиштето располагало и со простран двор. Било подигнато со донации од граѓаните на Битола. Во ова училиште се изучувале занаети, па така е забележано името на Петар Црномаровиќ, кој предавал дрводелство. Се изучувале уште чевларскиот и шивечкиот занает. Училиштето во континуитет функционирало до 1912 година, кога со доаѓањето на српската власт било затворено. Објектот потоа бил предвиден за царинарница. По Втората светска војна, објектот долг период служел како погон на Фабриката за кондиторски производи „Прогрес“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира