ИСПЛАТЕН К-15 И ОД 100 ДЕНАРИ

    ИСПЛАТЕН К-15 И ОД 100 ДЕНАРИРаководителката на Државниот инспекторатот во Штип, Васка Коцева, вели дека пријавите од работниците се прибираат и се анализираат.

    Вчера и денеска Државниот инспекторат во Штип е пребукиран со работници кои пријавуваат неисплатен К-15 или исплатени минимални износи од 500, 1.000, 2.000 или 3.000 до 6.000 денари. Штипската трудови инспекција веќе има дваесетина пријави од работници кои произлегуваат од десетина фирми кои исплатиле минимални износи на К-15. Имало фирми кои исплатиле регрес само 100 денари.

    Државниот инспекторат во Штип има добиено пријави за непочитување на Законот за К-15 и од Пробиштип, Кратово и некои други соседни градови. И тие пријави како што велат трудовите инспектори се за минимални износи на К-15 кои се движеле најчесто од 100, 500 или 1000 денари. Се работи за фирми претежно од конфекциската гранка.

    „Јас сум возач во едно автотранспортно претпријатие во Пробиштип. Ако газдата во јануари не ми исплати К-15 ќе пријавам и ќе заминам од таа фирма. Сопругата каде што работи доби К-15 во износ од 3.000 денари, а некои други нејзини колешки од истата фирма примиле 4.000, а некои 6.000 денари. И кај нас во Пробиштип има работници кои примиле К-15 од само 100 денари“ вели работник од ова рударско гратче.

    За рударите што ги превезувал вели дека биле исплатени во целост како што налагал Законот. Раководителот на инспекторатот во Штип, Васка Коцева вели дека пријавите се прибираат и се анализираат.

    „Ги чекаме извештаите за исплатени плати за месец декември и исплатите на К-15 што треба да пристигнат во текот на јануари. Инспекторите ќе ја испитуваат нивната фактичка состојба, ликвидноста на фирмите и оправданоста или неоправданоста на неисплатениот или исплатениот К-15, а потоа ќе биле преземени адекватни мерки што ги предвидува Законот“, вели Коцева.

    Регресот за годишен одмор треба да биде во висина најмалку 40 насто од основицата под услов работникот во една календарска година да работел најмалку 6 месеци кај ист работодавач непрекинато и во тој период да нема неоправдани отсуства. За работодавачите кои неоправдано не исплатиле К-15 или барале да биде вратен. Законот предвидува казна затвор од три месеци до една година, а правниот субјект ќе се казни со 4.000 евра што за работодавачите од поголемите фирми било помалку од износот што требало да го исплатат на сите вработени по основ на К-15.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира