ИСТРАГА ПРОТИВ 32 ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ОД 700.000 ЕВРА ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА

    ИСТРАГА ПРОТИВ 32 ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ОД 700.000 ЕВРА ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦАМеѓу осомничените се и поранешната директорка на болницата Кети Смилеска, раководители и други вработени на установата, но и управители на осомничени правни лица. (Фото: СДК.МК)

    Со истрагата за злоупотреби при јавните набавки во Прилепската болница „Борка Талески“, за што од синоќа постапува и Управата за финансиска полиција, опфатени се 32 физички и правни лица, соопштија од Основното јавно обвинитлество (ОЈО) од Прилеп. Меѓу осомничените се и поранешната директорка на болницата Кети Смилеска, раководители и други вработени на установата, но и управители на осомничени правни лица. Судот им определи притвор до 30 дена на шест лица, на 19 мерка за претпазливост, а на седум фирми забрана за учество во постапки за јавни набавки.

    По поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, ОЈО Прилеп денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 16 физички и 7 правни лица, додека уште девет други лица се осомничени за дела кои се гонат во скратена постапка.

    Осомничените преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари (околу 700.000 евра).

    Осомничени се за кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, Доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в, како и Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува.

    „Постои основано сомнение дека осомничените, како соизвршители, учествувале во дејствија со кои свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија“, соопштија од ОЈО Прилеп.

    Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за останатите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира