Од оваа учебна година во скопската гимназија „Никола Карев“ има паралелка на италијански јазик, како трет јазик во наставата.
Италијанска паралелка се отвора за прв пат во нашата земја, на иницијатива на средното училиште „Никола Карев“, а со поддршка на Град Скопје и Амбасадата на Италија. Запишаните ученици ќе го изучуваат италијанскиот јазик со 6 часа неделен фонд. Тие ќе имаат прилика да изучуваат италијанска книжевност, култура, историја и уметност, а по завршувањето на четиригодишното образование ќе се стекнат со сертификат за познавање на јазикот со ниво Б2.
„На овој начин на учениците кои следеле настава во италијанската паралелка им се овозможува полесно да се запишат на некои од универзитетите во Република Италија“, кажа амбасадорот на Италија во земја, Андреа Силвестри.
Во скопските средни училишта запишани се околу 22.500 средношколц и сите настава ќе посетуваат со физичко присуство.
„Очекувам дека со заеднички сили ќе успееме децата да ја завршат учебната година во училишните клупи. Градот Скопје во сите 23 средни училишта со кои што раководи, во соработка со Министерството за образование и со Министерството за здравство, ги презема сите неопходни мерки кои ќе гарантираат безбедна посета на наставата. Разговараме и со децата и тие да придонесат да го зачуваме здравјето и да го спречиме ширењето на ковид вирусот“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
А. АНТЕВСКА