Регионалното здружение на новинарите „Исток“ во Берово ги прогласи најдобрите од регионот во сите области на општественото живеење во 2021 година. Признанието за животно дело го доби Иван Бојаџиски за своите 60 години новинарска работа и за огромниот придонес во развој на новинарството и општеството посебно во Источна Македонија.
„Досега имам објавено над 25.000 текстови, како и книгата ‘Новинарски искуства’ за мојата долгодишна новинарска работа. Но, новинарот твори додека е жив, па затоа јас продолжувам“, најави Бојаџиски.
Признанијата за солидарност и хуманост ги добија противпожарните бригади од Австрија, Словенија и Бугарија кои учествуваа во гаснењето на големите пожари лани во Источна Македонија и граѓанско-црковната организација „Св.Спас“ од Делчево за помошта кон социјално загрозените семејства, самохрани родители и маргинализирани групи. Амбасадорите на трите држави се заблагодарија на признанијата.
Од областа на здравството признанието го доби д-р Димитар Кожухаров, началник на Уролошкото одделение на Клиничката болница во Штип, за неговите 40 години работа во здравството, а од науката д-р Дејан Мираковски, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за неговата научна дејност и развојот на високото образовение.
Од областа на стопанството признанието го доби компанијата „Мебел Ви“ од Виница, а за менаџер на годината е прогласена Дафинка Муцунска од хотелот „Манастир“ од Берово.
Во областа на архитектурата и урбанизмот признанието го доби студиото „Атриум“ од Штип, за наставник на годината е прогласена Оливера Кратевска од ОУ „Ванчо Прќе“ во Делчево, а од истата област признание доби и Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани за музичката едукација на младите. Од областа на културата и литературата признанието му припадна на Трајче Кацаров од Штип за издадените над 50 книги.
Признанија добија и Пчеларското друштво „Матица“ од Кочани за развојот на пчеларството, а Извидничкиот одред „Ластовица“ од Кочани за младински акитивизам. Од областа на спортот признанија добија Пинпонгарскиот клуб од Берово и Емил Павлов од Штип за освоеното сребро на Светското првенство во Дубаи минатата година.
Т. ЈОВАНОВСКИ