ИЗДАДЕНА Е ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА И ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЧИЛИШТЕТО ВО ЉУБОЈНО, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    ИЗДАДЕНА Е ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА И ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЧИЛИШТЕТО ВО ЉУБОЈНО, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРАПо автентичното обновување, треба да стане Центар за промоција на македонскиот јазик. (Фото: СДК.МК)

    Издадена е градежна дозвола за реконструкција и адаптација на старото училиште „Димитар Влахов“ во преспанското село Љубојно, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска заедно со директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, и проф. д-р Елизабета Бандиловска, членка на Советот за македонски јазик, направија увид во започнатите реконструктивни зафати врз објектот.

    Училиштето во кое на 15 ноември 1944 започна за првпат настава на македонски јазик во Преспа, а второ во државата по она во Подвис, Кичевско, со години е разрушено, а зачуван е само дел од надворешните ѕидови. Тоа е во режим на заштита од 2020 година, како дел од споменичната целина Љубојно. По автентичното обновување, треба да стане Центар за промоција на македонскиот јазик.

    „Го исполнивме аманетот на нашите предци – до крајот на 2025 година, ќе имаме нов Центар за македонски јазик во Љубојно. Во изминатиот период, надлежната установа Завод и музеј Битола, со стручните тимови и со сите вклучени во процесот, со висока професионалност ги исполни многубројните неопходни чекори за остварување на визијата за еден модерен Центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура, на нашиот идентитет. Изработувани се сите потребни стручни елаборати и проекти, за да ја добиеме градежната дозвола и градбата да може да започне“, рече Костадиновска-Стојановска.

    Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска додаде: „Очекувам возобновениот Центар за промоција на македонскиот јазик да e место кое ќе го посетуваат младите луѓе од дијаспората, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик. Но, очекувам овој центар да изврши голема улога и во зајакнување на билатералните и трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, да биде мост кој ќе ги обединува овие три држави“.

    За реконструкција на старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно и за негова комплетна адаптација од буџетот на Министерството за култура во 2024 и во 2025 година ќе бидат издвоени 32,8 милиони денари (околу 520.000 евра).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира