ИЗГОРЕ ДЕЛ ОД АРХИВАТА СО СТАРИ ПРЕДМЕТИ ВО КУМАНОВСКИОТ СУД

    ИЗГОРЕ ДЕЛ ОД АРХИВАТА СО СТАРИ ПРЕДМЕТИ ВО КУМАНОВСКИОТ СУДПожарот е локализиран, но не е целосно изгаснат бидејќи сè уште излегува густ чад од подрумот. (Фото: СДК.МК)

    Пожар ноќеска избил во подрумските простории на Основниот суд во Куманово. Во пожарот е зафатена една од просториите на архивата во која се чуваат старите предмети. Пожарот е локализиран, но не е целосно изгаснат бидејќи сè уште излегува густ чад од подрумот.

    Дел од вработените во судот и обвинителството беа пред зградата и кажуваат дека причина за пожарот најверојатно е старата електрична инсталација, но велат дека истрагата ќе покаже што точно се случило.

    Во 01:20 часот мирис на чад и на изгорено почувствувал дежурниот судски полицаец, кој повикал екипа на ЕВН, како и пожарна и полиција. Пожарот не се проширил на катот, но целиот објект и неговата околина е во густ чад.

    „Не е изгорен целиот подрум, туку само една просторија во која се архивирани кривичните предмети од неколку години. Не се знае точно од што е, пожарникарите цело време гаснат но огнот тлее и се распалува“, велат вработените.

    Екипите на противпожарната единица во моментот додека бевме пред судот ги кршеа металните решетки за да влезат во просториите од задната страна на објектот и да дојдат до жариштето.

    „Противпожарната единица на Куманово бележи интервенција во текот на ноќта на опожарени простории на зградата на Основен суд Куманово во 01:35 часот. Опожарен е подрумскиот дел на зградата каде се наоѓа архивата на судот. Единицата во текот на ноќта делуваше со два камиони и 7 пожарникари. Пожарот е локализиран, екипата е сè уште е на терен“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК).

    Во зградата на Основен суд Куманово се наоѓа и Јавното обвинителство и Народониот правобранител. Вработените утринава добиле пораки да не доаѓаат на работа бидејќи нема услови. Судот го посетил и претседателот на Судскиот совет, додека одел на работа од Штип во Скопје, по што кажал дека ќе им даде насоки како да постапуваат понатаму за нормализирање на работењето.

    Зградата на Основен суд Куманово се наоѓа во центарот на Куманово, покрај Општината и Полицијата, како и други локални институции, целиот простор е обвиткан во чад и тешко се дише дури и кога само се поминува по улицата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира