ИЗГОРЕА БАРАЊАТА НА КУМАНОВЦИ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ИМОТ

    ИЗГОРЕА БАРАЊАТА НА КУМАНОВЦИ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ИМОТВо пожарот изгореле предметите кои што се наоѓалe на работната маса на вработените во подрачната единица на Управата за имотно-правни работи. (Фото: СДК.МК)

    Над 200 предмети, главно барања на граѓани за приватизација и експропријација на имот изгореа или се уништени од вода во големиот пожар што вчера ја зафати канцеларијата на подрачното одделение на Управата за имотно-правни работи во Куманово, откако се запали кујна и оџак на ресторан. Во пожарот изгореле предметите кои што се наоѓалe на работната маса на вработените, додека документацијата што била во шкафовите не е оштетена.

    „Најмногу настрада канцеларијата низ која поминува оџакот од ресторанот. Од високата температура се запалил таванот од стиропор и паднал врз бирото и мебелот, по што се запалила хартијата. Уште четири други канцеларии делумно се оштетни, таму плафоните паднале од водата со која се гаснел пожарот на кровот. Не знаеме каква е состојба со електричната инсталација, комјутерите и другата опрема, ама се плашиме дека и таа е поплавена“, велат вработените.

    Тие додаваат дека пожарот бил навреме локализиран и не се проширил на останатите канцеларии и архивата, бидејќи во спротивно Куманово ќе останело без целокупната документација од 25.000 предмети за приватизација, експропријација и денационализација за последните 17 години, од 2000 година наваму.

    На вработените синоќа и денеска не им беше дозволен пристап во работните простории, а очекуваат во текот на утрешниот ден да дојдат претставници од Министерството за финансии да ја утврдат фактичката состојба и да им дадат насоки за понатаму, бидејќи немаат услови за работа. Канцелариите на управата за имотно-правни работи пред две години беа целосно реновирани и опремени со мебел.

    Истрагата допрва треба да утврди колкава е штетата и кој ќе ја понесе одговорноста, а денеска на терен увид вршеа инспектори од крим полиција.
    Од МВР официјално потврдија дека синоќа во 18.10 часот на Плоштад „Нова Југославија“, поточно во ресторанот „Баба Цана“, избувнал пожар во кој целосно изгорела кујната од ресторанот и канцеларија на Министерство за финансии, која се наоѓала над ресторанот. Во 19.55 часот од страна на екипа од Противпожарна единица Куманово пожарот е изгаснат.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира