Во пожар кој изби попладнево целосно се изгорени неколку штандови со книги кои беа лоцирани на платото пред Центарот за култура во Тетово. Засега нема информации за повредени лица, а причинета е поголема материјална штета.
Кога избил пожарот, лицата кои биле на штандовите и од околните дуќани почнале да го гасат огнот со кофи вода и противпожарни апарати, но поради лесно запаливиот материјал пожарот брзо се проширил на соседните штандови.
„Не знам што да кажам, гледате и самите, изгореа книгите. Штетата е голема, можеби околу 10.000 евра, нешто успеавме да спасиме. Тука продававме книги и нешто материјали. Не знам што е причината за пожарот, тоа надлежните органи ќе утврдат“, изјави очевидец на пожарот.
Набрзо на местото на пожарот пристигнала екипа на противпожарната единица на Тетово која брзо го изгаснала пожарот. Надлежни екипи вршат увид за да ги утврдат причините за пожарот.
З. АНДОНОВ