Три куќи изгореа во пожарот што се случи во горниот дел на Струмица на улицата Крушевска република. Целосно се изгорени кровните конструкции со спратови на две куќи, а третата е зафатена од оганот. Направена е голема материјална штета. Станува збор за куќи кои лепат една со една и се наоѓаат веднаш до поројот на улицата Крушевска република каде теренот е тешко достапен.
Струмичките пожарникари со неколку возила успеаја да го локализираат пожарот за час и пол по пријавата, недозволувајќи огнот да се прошири на останатите станбени единици во горниот дел на градот. Командирот на струмичката противпожарна единица Александар Гудев вели дека во акцијата учествувале 18 пожарникари.
„Пожарот беше пријавен во 10 часот и 55 минути, по што веднаш интервениравме. На терен беа пет возила со 18 пожарникари кои успеаја некаде после 12 часот да го локализираат. Две кровни конструкции се целосно изгорени, а беше зафатен и трета куќа. Има голема материјална штета“, рече Гудев.
Гудев апелираше до сопствениците на возилата во горниот дел на Струмица прописно да ги паркираат, бидејќи противпожарните возила имале проблем за пристигнување на местото на пожарот.
Според информациите, две лица кои вдишиле чад побарале побарале помош во струмичката болница.
В. ТРАЈКОВ