Штипскиот бизнисмен Ванчо Богдов, кој минатата година ја отстапи својата текстилна фабрика „Вабо“ на работниците, е познат во штипската јавност и како ктитор на црквата „Свети цар Константин и царица Елена“. Богдов вели дека сака да биде донатор и во изградбата на новиот споменик на светите браќа Кирил и Методиј што треба да се гради во центарот на Штип.
Кај населбата Балканска и кругот на поранешната фабрика „Македонка“ во 2015 година и официјално беше осветена црквата чиј ктитор е тој.
„Се одлучив да градам црква оти кај мене и денес е присутна мислата дека секаква друга недвижност може да бидат продадена, додека црква не, таа останува со векови на народот. Грижливо и со внимание ја градевме по сите канони и црковни нишани во сoрaботка со Брегалничката епархија“, вели Богдов.
Црквата ја посветил на народот, но и на своите родители кои потекнувале од Егејскиот дел на Македонија и на неговата почината сопруга која била професорка по англиски јазик во средно училиште во Штип.
Кога ја посетивме црквата на денот на неговиот именден, наидовме на прекрасен црковен објект кој има и своја камбанарија. Црквата се наоѓа меѓу густа борова шума и целосно е уредена со живописна ограда, а внатрешниот дел е богат со икони и фрески. Ангажирал една пензионерска брачна двојка која секојдневно наутро го чисти поплочениот двор, го мие и ги отвора вратите на сите заинтересирани кои сакаат да ја посетат црквата.
- ШТИПСКАТА КОНФЕКЦИЈА „ВАБО“ ЌЕ ИМ БИДЕ ДАДЕНА НА КОРИСТЕЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ
- ЕДИНСТВЕНАТА ФАБРИКА ВО ЗЕМЈАВА ВО КОЈА РАКОВОДАТ РАБОТНИЦИТЕ ВЛЕГУВА ВО НОВАТА ГОДИНА СО ДОБИВКА И ЗГОЛЕМЕНИ ПЛАТИ
На негов предлог, здружението „Егеј“ прифатило уште кога се градела црквата во нејзиниот двор Богдов да донира средства и да се подигне спомен обележје во знак на почит на борците и жртвите од големиот егзодус на Mакедонците од Егејска Македонија. Оттогаш наваму, на чествувањето во спомен на егзодусот секоја година се одржуваат комеморации, а во црквата редовни панихиди за загинатите од егзодусот.
„Посебна посетеност и масовност има на 3 јуни кога е патрониот ден на црквата, кога голем број граѓани доаѓаат од сите краишта на Македонија, но и од странство, најмногу од Грција, кога наши луѓе палат свеќа за здравје и во чест на денот и секако на борците и жртвите од големиот грчки егзодус“, вели Богдов.
Тој рече дека сака да биде донатор и во изградбата на новиот споменик на светите браќа Кирил и Методиј, што треба да се гради во центарот на градот на новиот кружен тек кај Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип. Советот на Општината донесе одлука за тоа, а основата за постаментот веќе е подигната. Градоначалникот на Штип Иван Јорданов потврди дека тоа ќе биде спомен обележје на светите браќа Кирил и Методиј.
Т. ЈОВАНОВСКИ