Доцни изградбата на горниот дел од Градскиот пазар и изведувачот ќе плати пенали за тоа согласно договорот, кажа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, откако измина рокот за изведба на покриениот пазар, за што имаше реакции во јавноста. Причините за тоа биле објективни и субјективни, при што Коцевски не ги прецизираше вторите.
„Има доцнење во градежните работи на горниот дел на пазарот. Ова е поради преместување на столбови и кабли на ЕВН, оштетување на големиот колектор на фекалната канализација што го стори изведувачот и високите температури. Има и субјективни причини. Ќе ги примениме сите мерки што ни стојат на располагање согласно договорот за да се наплатат казнени пенали поради надминувањето на рокот“, кажа Коцевски.
Новиот рок за завршување на градежните работи и за покривање на пазарот Коцевски го помести за 15 септември.
Камен темелникот беше поставен на 4 април годинава во присуство на премиерот Заев и повеќе министри. Тогаш Коцески рече дека градежните работи треба да завршат за четири месеци. Вредноста на градежните работи е 34 милиони денари.
П. ПЕЧКОВ