Извештајот за состојбата со природното и културно наследство на Охридскиот Регион испратен до УНЕСКО не одговара на реалната ситуација, реагираат граѓанските организации од Охрид, Струга и Поградец.
„Извештајот е обичен копи-пејст, направен и поднесен до УНЕСКО. Многу аспекти од овој извештај не се точни и не кореспондираат со реалната ситуација. Неконтролираната урбанизација е спомната со четири реченици, иако е голем проблем во Националниот парк Галичица, а некојси црвен елен се појавува на половина страна. Значи, урбанизацијата е занемарена. Има и точни работи кои се спомнати, но има и големи пропусти, со цел да се оддалечи вниманието на јавноста од овие проблеми“, вели Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид.
Претставниците на невладините организации на денешната прес-конференција кажаа дека не е првпат да се поднесува ваков извештај.
„Редовно се поднесуваат извештаи кои само го прикриваат проблемот и го ставаат ѓубрето под тепих. Крајно време е да почнеме да ги решаваме проблемите и да ја прикажуваме ситуацијата каква што е“, вели Киселинов.
Ндерим Положани од невладината Капс Струга рече дека државата нема комуникација со невладиниот сектор, иако тоа е според препораките на УНЕСКО.
„Со ваквата хаотична состојба во урбанизацијата страда туризмот во Струга и Охрид. Голем проблем се и заштитата на Охридското Езеро и човечкото влијание врз екосистемот. Ние формиравме Стратегија за комуникација, која е препорака од УНЕСКО, но интересот на Владата и другите институции не е каков што треба да биде“, вели Положани.
Археологот Сашо Кироски од Асоцијацијата за заштита на природното и национално богатство кажа дека континуитетот на Охридскиот Регион со сите научни и археолошки истражувања изнесува 8.000 години.
„Во извештајот на 60 страни се зборува за автопатот кој треба да се направи и за пругата која треба да ја спои македонската и албанската страна. Се срамам кога чекаме да дојдат од УНЕСКО и да ни кажат што треба да правиме со најстарото езеро во Европа“, вели Кироски.
Тој додаде дека во последните 15 години не се направени ниеден проект од страна на Завод и Музеј Охрид и ниедно археолошно научно истражување, иако тоа е предвидено со проект-планот на УНЕСКО, што треба да се спроведе до 2029.
Според Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја, потребна е соработка на сите инволвирани во регионот, оти по двете мисии на УНЕСКО во 2017 и 2020 имаше голем број забелешки и 19 препораки, за кои не се преземени мерки.
Г. КОНЕВ