ИЗВИДНИШТВОТО ИМ ДАВА НАСОКИ ВО ЖИВОТОТ НА МЛАДИТЕ – ВЕЛЕШКИОТ ОДРЕД „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ ПРОСЛАВИ 70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

    ИЗВИДНИШТВОТО ИМ ДАВА НАСОКИ ВО ЖИВОТОТ НА МЛАДИТЕ – ВЕЛЕШКИОТ ОДРЕД „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ ПРОСЛАВИ 70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕНиз одредот поминале 40.000 членови, а нивниот број денес е 50 (Фото: СДК.МК)

    Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес одбележа 70 години постоење, со што е најстар во Македонија. Низ неговите редови минале 40.000 членови, безмалку цел еден град како Велес. Во тие седум децении, одредот имал и подеми и падови, но опстана и даде траг во живеењето на градот.

    Започна како детска игра, а премина во начин на живот. Извидничката организација ни даде правец во животот. Не само мене, туку и на осум генерации. Таа е воспитно-образовна организација, која делува неформално, дава неформално образование. Нашите активности се логорување и живот во природа, прва помош и исхрана во природа, ориентација и топографија, Животот во природа е многу корисен за сите млади“, вели Ангелче Гушев, старешина на одредот.

    Тој денес брои 50 члена, а оптимумот би бил 80. ИО „Димитар Влахов“ има солиден број камперска и пловна опрема, прибор за исхрана во природа и извидничка инфраструктура, а тоа е извидничкиот центар Голозинци, кој има 50 легла и 250 шаторски места. Плановите на одредот се да се зајакне капацитетот на центарот, да се подобри инфраструктурата и да биде регионален едукативен центар и младински хостел.

    Еден од тие кои оставиле силен траг во работата на одредот е Жико Пановски, кој е член од 1958 година.

    Извидничка организација е општествена организација која опфаќа млади. Тука добро се воспитуваат и можат да настапат квалитетно натаму во животот. Благодарам за младите кои ни овозможија да славиме седум децении работа“, кажа Пановски.

    Велешкиот одред има долгогодишна традиција на блиски односи со одредот „Мија Станимировиќ“ од Ниш.

    Извидник сум поради дружењето, другарството, запознавањето нови луѓе. Тоа ми беше животна школа која ми помогна во професионалната ориентација. Научив многу вештини, добив многу знаења. Генерации и генерации нишки и велешки деца се пријатели, деловни партнери, а имаше и има многу љубови“, рече Слободна Тепавац, старешина на одредот од Ниш.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира