Обвинителката Оливера Нечаковска на денешното судско рочиште во кое е обвинет претседателот на Бугарскиот клуб од Битола, Љупчо Ѓоргиевски, праша дали во клубот имало табла со цитат: „Залудни се напорите на маскираната македонска нација да го лаже светот, вистината ќе победи, ваш Иван Михајлов“. Реагирајќи дека прашањата биле директни, а не вкрстени, бранителот на обвинетиот Ѓоргиевски, адвокатот Насер Рауфи, меѓу другото за својот клиент додаде: „Тој се гордее со цитатот, ќе видите дека е така“.
По судењето, Рауфи рече дека тоа било новинарско мислење, а не негово. Ѓоргиевски изјави дека постоела таква табла со цитат од Михајлов, а не негов, поставена во клубот за да предизвика научна и академска дебата.
„Јас се чувствувам горд што сум ванчомихајловист“, им изјави тој на новинарите по судењето.
Во Основниот суд во Битола денеска одново почна главната расправа за судењето во кое Ѓоргиевски е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство од Битола. Судењето почна одново зашто поминаа три месеци од почетокот на претходната судска расправа.
Ѓоргиевски рече дека не се чувствува виновен и ксенофобичен, дека просторот во кој бил Бугарскиот клуб во Битола на улицата Рузвелтова го зеле зашто бил во централното градско подрачје, а дека никаде низ катастарските документи не сретнале назив Еврејско Маало. Рече дека организирал културни и историски активности поврзани со историјата на бугарскиот народ во Република Северна Македонија, активности за зближување на двата народа, а на фејсбук страницата објави кои треба да предизвикаат научна и академска дебата.
На денешното судско рочиште беше направен увид врз цеде со објави, документи, фотографии и коментари од фејсбук страницата на Културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“ од Битола, направено од овластени лица при СВР Битола, а на барање на Обвинителството. Во објавите имаше текст од Михајлов со следните цитати:
„Македонската нација и јазик не постојат, тие се измислица на фантазии како српската за да се користат како аргументи пред луѓе кои не го знаат ни минатото, ни сегашноста. Денешната таканаречена Република Македонија во себе содржи бројни фалсификати“. Како и друг цитат: „Како што Путин ги создаде Доњецката народна република и Луганската народна република во окупираната област, така Тито ја создаде Mакедонската народна република во нашата окупирана татковина“.
Обвинителката Нечаковска го запраша Ѓоргиевски дали имало вакви објави на фејсбук страницата на клубот „Иван Михајлов“ и како со нив и други коментари на читатели кои во себе содржеле навреди сакал да предизвика научна и академска дебата? Ѓоргиевски потврди дека имало такви објави од историски личности, а навредливи коментари кога ќе забележел бришел, но тој не работел на Фејсбук за да може постојано да ги следи. Рече дека во 1945 година започнало создавањето на Народна Република Македонија под партизанско движење, но имало и други сили кои сакале да ја видат независна и обединета, ама не во склоп на комунистичка Југославија.
Следното рочиште е закажано за 27 март, за кога одбраната најави дека како сведок ќе се појави и експремиерот Љубчо Георгиевски со цел да го објасни ликот на Михајлов и дека не бил со фашистите.
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ беше отворен на 16 април 2022 во присуство на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и други претставници од бугарскиот државен врз. Од отворањето тој ја брануваше јавноста зашто го носеше името на Михајлов, кого македонскиот народ го препознава за соработник на фашистите во Втората светска војна. Поради името беше избришан и од Централниот регистар, а новото бугарско здружение е насловено „Една роза“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА