ЈОВАН ЏАМБАЗ Е ЕДИНСТВЕН ВРАБОТЕН КОЈ ВЛЕГУВА БЕЗ ТРОПАЊЕ КАЈ ОХРИДСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

ЈОВАН ЏАМБАЗ Е ЕДИНСТВЕН ВРАБОТЕН КОЈ ВЛЕГУВА БЕЗ ТРОПАЊЕ КАЈ ОХРИДСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИЈован Џамабаз во локалната самоуправа работи од 1996, а го сметаат за икона на градот и на Општината (Фото: СДК.МК)

Од осамостојувањето на Македонија со Охрид раководеа шест градоначалници, а кај петмина од нив единствено Јован Џамабаз, вработен во Општината, влегувал без тропање во нивните канцеларии. Во локалната самоуправа работи од 1996, го сметаат за икона на градот и на Општината. Најчесто извршува работни обврски и доставување материјали кои се поврзани со работата на Градскиот совет.

Јован (50) има когнитивни проблеми, но вели дека никогаш за неговата работа не бил казнет, освен еднаш кога добил без повод некоја опомена и тоа во време на ексградоначалникот Никола Бакрачевски.

„Се вработив во 1996 во Фондот за комунални работи. По некоја година, тогашниот градоначалник Александар Петревски ме зеде во локалната самоуправа. Извршував најразлични работи од интерес на локалната администрација. Јас сум врска меѓу вработените во канцелариите. Носам материјали, документи. Сите кон мене се однесуваат со почит. Никој досега не ме навредил. Тоа ме тера уште повеќе одговорно да ги извршувам работите. Лани, без повод ме казнија со некоја опомена.Тоа ме погоди, но не сум му лут на човекот што го направи тоа. Знам дека не бев виновен”, вели Јован Џамбаз.

Многу вработени во локалната самоуправа во Охрид, дури и оние на најодговорни функции, кажуваат дека  Јован е единствениот вработен кој без тропање на вратата влегува во канцелариите на охридските градначалници. Тоа е поради почитта што тие ја имаат кон него.

„Можеби малку претеруваат, но вистина е дека  без никаков проблем влегував во канцелариите на охридските градоначалници кај кои се знае како се влегува. Потребна е предходна најава, дозвола од секретарката која знае које во тој момент кај градоначалникот. Лесно  влегував кај бившиот  градоначалник Александар Петревски. Без никаква најава можев да одам кај него,да му однесам некој документ, да му побарам некоја помош ако ми затреба. Никогаш не ме одби и не ме врати од вратата на кацеларијата. Јас на тоа сум му благодарен, а посебно што ме донесе во зградата на Општината. И јас сум човек. Не ја заборавам добрината. Слично беше кога на чело на градот  беше и Никола Бакрачевски“, вели Џамбаз за неговата комуникација со охридските градоначалници.

За Џамбаз секој работен ден е нов предизвик.

„Се радувам на секое утро, изгревот на сонцето. Тоа ме исполнува со надеж, му благодарам на Господ што добив уште еден ден. Тоа чувство ме држи преку целиот ден. Гледам да  бидам од корист на вработените во Општината. Одам каде шпто треба  да завршам работа. Знам дека сум успеал во тоа кога ќе видам на нивните лица дека се задоволни од тоа што сум го направил. Така работам веќе 22 години. И платата ми е добра. Доволна за достоен живот. Не барам многу. Сакам да живеам како останатите луѓе”, вели  Јован.

Последниве години Џамбаз се среќава и со еден егзистенцијален проблем.

„Живеам  сам во станот од мајка ми. Но, тој не е препишан на мене. Сега се јавија некои роднини кои сакаат да ми го земат. Се борам да го сочувам. Ако ми го земат,ќе останам на улица. Ми помагаат добри луѓе, има такви во Општината. Од нив барам совети. Многумина се подготвени секогаш да ми се најдат кога ќе ми треба. Не им се лутам на дел од  роднините што сакаат станот да биде нивен”, вели тој без гнев.

Д. ЧУБРИЌ

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира