Ако заврне снег и времето е многу ладно, ќе има помалку автобуси на улиците низ Скопје, соопштија од ЈСП Скопје.
Во известувањето се вели дека поради евентуална непроодност на патиштата, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои ќе бидат оценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби.
„Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, ЈСП Скопје ќе биде принудено да изврши дополнителни измени, за што јавноста ќе биде навремено информирана. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој важи до завршувањето на зимскиот училиштен распуст“, велат од ЈСП.
Од претпријатието додаваат дека нивните екипи, заедно со службите на Град Скопје и локалните самоуправи, со соодветна механизација континуирано ќе бидат на терен за навремено и ефикасно осигурување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
А. АНТЕВСКА



