ЈСП „СКОПЈЕ“ ЛАНИ СО ЗАГУБА ОД НАД 3 МИЛИОНИ ЕВРА, А АРСОВСКА ЌЕ ВОВЕДУВА БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ЗА СИТЕ

    ЈСП „СКОПЈЕ“ ЛАНИ СО ЗАГУБА ОД НАД 3 МИЛИОНИ ЕВРА, А АРСОВСКА ЌЕ ВОВЕДУВА БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ЗА СИТЕВо текот на 2022 основачот Град Скопје да најде начин за покривање на загубата со оглед на тоа дека се исцрпени законските резерви на ЈСП ‘Скопје’“, се вели во извештајот за работењето во 2021. (Фото: Фејсбук)

    Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП)„Скопје“ ланската година ја завршило со загуба од 3,3 милиони евра (205.318.484 денари), покажува завршната сметка на претпријатието. ЈСП „Скопје“ нема пари да ја покрие загубата, па затоа бара од Град Скопје да го стори тоа, односно да издвои пари од градскиот буџет.

    „Загубата во работењето на ЈСП ‘Скопје‘ во 2021 година е 205 милиони денари. Забугата останува непокриена. Во текот на 2022, основачот Град Скопје да најде начин за покривање на загубата со оглед на тоа дека се исцрпени законските резерви на ЈСП ‘Скопје’“, се вели во извештајот за работењето во 2021 на ЈСП „Скопје“ доставен до Советот на Град Скопје кој ќе се разгледува в среда.

    И покрај тоа што претпријатието работи со загуби дури и кога има прилив на средства од продажба на билети, градоначалничката Данела Арсовска и директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски не се откажуваат од идејата да воведат бесплатен превоз за сите граѓани, која, како што велат, ќе се реализира за 2 години.

    Досега ниту Арсовска ниту Илиевски не објаснија како точно ќе се покријат трошоците на претпријатието за набавка на гориво, резервни делови, плати на вработените, ако се откажат и од парите од продажба на билети. Велат, имало и други извори на финансирање односно продажбата на билети за жичницата и рекламите на автобусите.

    „Јас тоа што го кажав ќе го реализирам, но не можам во два дена. Луѓето планираат да се селат на Марс и да патуваат на Месечината, сè е возможно, па возможно е да имаме и бесплатен автобуски превоз. Па на ЈСП ‘Скопје‘ не му се единствени приходи продажбата на билети, имаат и други приходи. Се согласувам дека претпријатието 30 години работи со загуби и затоа постојано повторувам дека е потребно добро менаџирање. Потребно е да се проверат тендерите за набавки на гориво по високи цени“, кажа Арсовска на 17 ноември.

    Но, приходите од продажбата на билети за жичницата не се доволни ниту за нејзино одржување и покривање на сите трошоци од работењето. Од рекламите, пак, на автубусите според договорот склучен уште во времето на ексградоначалникот  Коце Трајановски со фирмата „Маратон“, ЈСП „Скопје“ добива многу мал процент кој е речиси незначителен. Токму за овој договор минатото раководство на Град Скопје и ЈСП „Скопје“ велеа дека е штетен и дека цел профит од рекламите го добива приватната фирма, но не можат да го раскинат оти непосредно пред изборите во 2017 договорот од тогашниот директор Игор Јанушев е продолжен за уште 10 години, односно до 2028.

    Од пред три недели, во автобусите од јавниот превоз повторно беше вратен бесплатен превоз за пензионерите во вторник, петок, сабота и недела, што Град Скопје го чини 650.000 евра. Бесплатниот автобуски превоз за пензионери Град Скопје го врати во време на економска и енергетска криза, кога постојано градоначалничката Данела Арсовска се жали дека Градот нема пари и бара помош од Владата поради зголемените сметки за струја.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира