ЈУЖЕН БУЛЕВАР ВО СКОПЈЕ ЗАТВОРЕН, ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ДЕКА ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ЗА ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ, ГО ОБВИНУВА ТРАЈАНОВСКИ ЗА ДОЦНЕЊЕТО

    ЈУЖЕН БУЛЕВАР ВО СКОПЈЕ ЗАТВОРЕН, ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ДЕКА ПОДЗЕМНАТА УЛИЦА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ЗА ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ, ГО ОБВИНУВА ТРАЈАНОВСКИ ЗА ДОЦНЕЊЕТОПодземната сообраќајница ќе биде готова најдоцна за 2,5 години, додека целиот комплекс односно објектите над булеварот најдоцна за 6 години (Фото: К. Попов)

    После  6,5 години откако Град Скопје го потпиша договорот со турскиот инвеститор „Лимак“ за изградба на Јужен булевар под земја, деновиве конечно почнаа градежните работи за новата сообраќајница. Договорот за изградба на сообраќајницата која треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти, со турскиот инвеститор беше потпишан на 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, оттогаш поминаа повеќе од 6 години, а на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Градоначалникот Петре Шилегов  вели дека подземната сообраќајница досега не се градела поради неспособноста на неговиот претходник Трајановски.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека подземната сообраќајница се гради дури после 6 години откако е потпишан договорот со „Лимак“ поради неспособноста на неговиот претходник Коце Трајановски; – Шилегов и Трајановски на примопредавањето на градоначалничката функција лани во октомври ( Фото: Ѓ. Личовски)

    „Улицата ќе биде готова најдоцна за 2,5 години, додека целиот комплекс, односно објектите над булеварот, најдоцна за 6 години. Речиси после 7 години се почнува со градежни работи поради неспособноста на минатата администрација да ги надмине техничките и правните пречки на проект кој е комплексен. Кога дојдов на функцијата градоначалник на Скопје за подзмената улица немаше ништо, само идеен проект. За седум месеци  изготвивме инфраструктурен проект, ги решивме подземните инсталации кои треба да се преместуваат, а се наоѓаат на трасата и во јуни беше издадено одобрението за градба“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот Шилегов.

    Турскиот инвеститор „Лимак“ има обврска да ја изгради сообраќајницата, додека приклучоците односно кружните крстосници, треба да ги прави Град Скопје. Според проектот, треба да се градат три кружни крстосници, кај поранешна „Нова Македонија“ и два помеѓу булеварот Кочо Рацин и улицата Свети Кирил и Методиј, кои треба да бидат влезови во подземната сообраќајница.

    Булеварот е затворен за сообраќај (Фото: К. Попов)

    Шилегов вели дека ниту за кружните крстосници немал готови проекти од неговиот претходник Трајановски.

    „Наследив само слики. Ниту за кружните крстосници немаше ниту градежен ниту инфраструктурен проект. Веќе избравме фирма и се работи на градежниот проект. Откако тој ќе биде готов, кон почетокот на наредната година ќе го распишеме тендерот за избор на изведувач на градежните работи“, додава Шилегов.

    Турската фирма „Лимак“ во февруари 2012 за околу 3, 2 милиони евра купи државно земјиште со површина од 31.929 на потегот каде ќе се гради сообраќајницата. Според договорот со Град Скопје, инвеститорот има обврска на свој трошок да ја изгради сообраќајницата, како што е предвидено со Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“.  Потоа над сообраќајницата ќе може да гради згради, трговски центри, деловни објекти и хотели со максимална висина од 20 ката плус приземје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира