Советниците од независната советничка група Поинаку на денешната седница на Советот во Битола, на градоначалникот Тони Коњановски му поставија прашања кои му ги дадоа и во писмена форма, за тоа каде завршуваат парите од спонзорстваата на празничната манифестација „Зимска приказна“. Таа трае од 20 декември до 6 јануари и на неа се случуваат бројни забавни и културни настани, а вклучени се и приватни спонзори.
„Имам само едно прашање до вас, кај се парите кои се добиени од спонзори, донации на ‘Зимската приказна’? Бидејќи ми рековте написмено, ете и официјално ќе ви го дадам прашањето и се надевем дека во рок од 15 дена ќе ме удостоите со одговор, зашто тие пари не се само мои туку на граѓаните и не се само ваши“, рече претседателката на Советот Габриела Илиевска.
Исти такви прашања до Коњановски и до Општината доставија и советниците Иван Чулакоски и Алмир Адемовски.
„Каде се парите од спонзорите од битолски фирми кои сакаат да помогнат, каде се уплатувани тие пари, на кои сметки и каде се трошени? Оваа манифестација е организирана и од пари на битолчани, 4 милиони денари од Програмата за туризам се земени за ‘Зимска приказна’, па да видиме колку спонзорите платиле пари и на кои сметки за да се рекламираат“, рече Адемовски.
Градоначалникот Коњановски рече дека нема да дозволи од „Зимската приказна“ да се прави скеч и дека ќе им одговори написмено при што ништо нема да биде сокриено.
„И за најважното кое го поставувате – каде се парите – ќе добие писмен одговор. И за ‘Битфест’ истите приказни ги поставувате, а од тоа денес нема ништо. Ќе добиете одговор, ве уверувам, во детали, во оваа Општина не постои нешто што може да се скрие. Тоа го признаваат и граѓански асоцијации кои немаат врска со партии. Тие нè канат на дебати како панелисти, да зборуваме за транспарентност зашто така сме препознати во државата“, рече Коњановски.
„Зимската приказна“ ја организира Општина Битола, а во нејзини рамки има музички настапи, културни настани, детски претстави, вклучено е вовчето Мечо, лизгалиштето во Битола, програмата за дочек на Нова година и многу други активности.
Ж. ЗДРАВКОВСКА