КАФУЛЕТО КАЈ „МАВРОВКА“ ИМА ПОВЕЌЕ СТОЛБОВИ ОД ПРВОБИТНИОТ ОБЈЕКТ ЗА ДА БИДЕ ПОБЕЗБЕДЕНО, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГАНИУ

    КАФУЛЕТО КАЈ „МАВРОВКА“ ИМА ПОВЕЌЕ СТОЛБОВИ ОД ПРВОБИТНИОТ ОБЈЕКТ ЗА ДА БИДЕ ПОБЕЗБЕДЕНО, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГАНИУНа просторот за кафулето сега се поставени петнаесетина челични столбови. (Фото: К. Попов)

    На местото на урната дивоградба кај ТЦ „Мавровка“ повторно се гради. Се поставуваат челични столбови, за кои градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу вели дека нема ништо спорно и кафулето се враќа во првобитна состојба како пред пожарот. Ганиу тврди дека Општината ја следи ситуацијата на терен, а на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто за една летна тераса се поставуваат петнаесетина столбови вели дека тоа е поради поголема безбедност на објектот.

    „Објектот се гради според точните димензии и матријали како што беше пред пожарот и за што имаше одобрение, нема цврста градба. Сега дури зафаќа и помала површина, но има повеќе челични столбови за да биде побезбеден и не дај боже при нова елементарна непогода да не падне цел како што беше случај со пожарот“, вели градоначалникот Ганиу.

    Во моментов, како што објасни Ганиу, нема градежни работи бидејќи има уште еден спорен дел што треба да се отстрани. Тој дел не бил урнат со механизација на јавното претпријатие за државни патишта оти ќе се оштетеле други делови од трговскиот центар.

    „Механизација која уриваше создаваше големите вибрации кои ќе ги уништеа сите излози на дуќаните. Сопственикот ни даде збор дека сам со специјални машини што сечат ќе го отстрани тој бетонски дел и дури потоа ќе го врати објектот во првобитна состојба“, додаде Ганиу.

    Дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ почна да се руши во септември лани. Откако Општината неколку месеци не ја уриваше оти не можеше да најде фирма за уривање, Владата го задолжи јавното претпријатие државни патишта да го стори тоа, по што за неколку дена бетонскиот објект беше отстранет.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира