СКОПСКИТЕ КАФУЛИЊА И МАРКЕТИ ТРЕБА ДА СКЛУЧАТ ДОГОВОР СО „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЗА ПОСЕБНИ КОНТЕЈНЕРИ И ДА ПЛАЌААТ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО

    СКОПСКИТЕ КАФУЛИЊА И МАРКЕТИ ТРЕБА ДА СКЛУЧАТ ДОГОВОР СО „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЗА ПОСЕБНИ КОНТЕЈНЕРИ И ДА ПЛАЌААТ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТОСубјектите се должни претходно да вршат селекција на отпадот на местото на неговото создавање во посебни садови различни од оние наменети за домаќинствата. (Фото: СДК.МК)

    Кафулињата, маркетите и другите фирми ќе мора да си постават посебни контејнери за фрлање ѓубре, а и за тоа ќе им се наплатува. Советот на Град Скопје на вчерашната седница ја изгласа точката за измена и дополнување на Одлуката за комунален ред, предложена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

    „Сите субјекти кои создаваат или поседуваат отпад при вршење на комерцијални, индустриски, трговски, услужни, административни и слични дејности и е сличен по природа или состав со отпадот од домаќинствата, се должни да склучат договор за собирање и транспортирање на отпадот со ЈП ‘Комунална хигиена‘. Субјектите се должни претходно да вршат селекција на отпадот на местото на неговото создавање во посебни садови различни од оние наменети за домаќинствата. За непочитување на одредбите од член 92-в на оваа одлука, овластен инспектор од Град Скопје ќе изрече глоба согласно позитивните законски прописи“, стои во Одлуката за комунален ред.

    Постојната Одлука за комунален ред не содржи одредби за оваа комунална дејност, па од таа причина се наметнува потреба за нејзино изменување и дополнување.

    Со предложените одредби, како што велат од Град Скопје, се утврдува единствен овластен субјект за собирањето и транспортирањето на комуналниот комерцијален отпад на подрачјето на градот Скопје, а тоа е ЈП „Комунална хигиена“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира