Големо куче, мелез од расата кангал, вчера во населбата Баир во Битола нападна 4-годишно девојче, нанесувајќи ѝ повреди во пределот на лицето, вратот, градите и рацете. По настанот девеојчето беше однесено во Битолската болница, каде ѝ беше укажана лекарска помош.
„Денеска во дворот влезе куче скитник и ми го нападна 4-годишното внуче“, објави роднина на девојчето на социјалните мрежи.
Роднината преку објавениот статус ги замоли граѓаните да му испратат број од шинтерската служба во Јавното претпријатие „Комуналец“ за да го заловат песот.
Самедин Канановски од Центарот за интеграција на Ромите од Битола, чие внуче беше искасано на 6 февруари во населбата Баир, по што беше пренесено на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди, вели дека станува збор за истото куче.
„Тоа е истото куче што ја нападна и внука ми и нападот беше на ист начин, кучето влегло во дворот и го нападнало малото“, вели Канановски.
Од прифатилиштето за кучиња „Хачико“ од Битола соопштија дека вчера по добиена пријава за каснување, шинтерската служба веднаш излегла на терен и кучето било заловено во напуштен објект во близина на местото на настанот.
„Станува збор за куче мешавина од кангал, односно напуштено сопственичко куче, чиј сопственик не е познат. Кучето е транспортирано во прифатилиште, каде ќе биде ставено под ветеринарен надзор и опсервација согласно предвидените процедури. Случајот е пријавен во Агенцијата за храна и ветеринарство и МВР, а надлежните институции ќе постапуваат согласно законските надлежности“, соопштија од „Хачико“.
За еден месец ова е втор напад на куче врз мало дете во Битола. На 6 февруари двегодишно дете од истата битолска населба беше пренесено во Клиничкиот центар во Скопје со тешки телесни повреди нанесени од кучиња скитници. Детето си играло во дворот пред семејната куќа кога глутница буквално влегла внатре, го искасала и влечела надвор низ улицата. Имаше повреди по вилицата, вратот, препоните, стомакот и десната страна на телото.
Општина Битола во 2024 отвори прифатилиште за кучиња „Хачико“, каде што се работи според хуман принцип „Залови, стерилизирај, вакцинирај и врати, односно вдоми“. На тој начин надлежните се надеваат дека со текот на времето ќе се намали популацијата на скитници. Во меѓувреме, Општината веќе неколку години плаќа големи суми отштета на луѓе каснати од бездомни кучиња кои тужат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



