Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, смета дека наплатата на сметките за вода треба да ја врши приватна фирма бидејќи ако Општината ги дава на извршители неплаќачите, тие нема да го гласаат на избори. Касами ова го кажа на јавната расправа за физибилити студијата изработена од Градежниот факултет во Скопје за состојбата и мерките кои треба да се преземат за подобрување на водоснабдувањето.
„Општината, за жал ,нема доволно капацитет да наплаќа за снабдување со вода. Ние сме и политички битија и за време на предизборната кампања никој од администрацијата нема да се нафати да ги наплаќа долговите како што треба. Граѓаните ќе нè плукаат дека ги даваме на извршители. Треба да сме свесни дека во оваа ситуација, за да го решиме побрзо проблемот, мора да внесеме приватен партнер. За овој предлог ќе треба да се донесе одлука на Советот на Општина Тетово“, изјави Касами на јавната расправа.
Според податоците на Општина Тетово, годишно во водоводниот систем протекуваат 10 милиони кубици вода, а сметки се издаваат за потрошени 3 милиони кубици. Од тие три милиони кубици се наплаќаат максимално 60 отсто. Покрај ова, Општината нема средства за модернизирање на водоводната мрежа, која редовно има дефекти и градот останува без вода за пиење.
Во физибилити студијата се предлага интервенирање со инсталирање водомери, фактурирање, контрола на трошењето вода и инкасирање на сметките за вода, за што треба да се ангажира приватен партнер.
Од иницијативата „За подобро Тетово“ сметаат дека не е добра работа да се даде водата во Тетово на стопанисување на приватно претпријатие, повикувајќи се на досегашните искуства со фирмите со кои е склучено јавно-приватно партнерство.
„За секој проблем во Општината се наоѓа чаре со поскапување на сите услуги што ги примаме, така се случи и со чистењето на градот. Вистина е дека има луѓе кои не плаќаат, но не треба да значи дека еден проблем треба да се реши така што ќе ги тераме граѓаните да плаќаат повисоки фактури од тие што сме ги имале досега бидејќи се работи за вода, за елементарна потреба“, изјави Елмедина Абдулахи од иницијативата „За подобро Тетово“.
Експерти од правото исто така предупредуваат дека Општината веќе ги крши законите со тоа што не обезбедува еднаков третман на граѓаните, односно дозволува некој да не плаќа сметки, но и дека водата е јавно добро и не треба да се дава во приватни раце.
„Обврска е на секој јавен партнер да постапува еднакво кон сите граѓани и сите да плаќаат според потрошената вода. Ние водата мора да ја заштитиме, таа е јавно добро и не подлежи под приватен режим“, изјави Виктор Стојановски, магистер по граѓанско право.
З. АНДОНОВ



