Во составот на Советот на Општина Тетово има само еден независен советник, Агрон Арифи од иницијативата „За подобро Тетово“. Ова е вторпат независните граѓански иницијативи да имаат претставник во Советот на Општината, првиот пат беше на локалните избори од 2021 година кога имаа двајца.
Арифи по професија е стоматолог, има приватна ординација заедно со брат му, но вели дека во иницијативата „За подобро Тетово“ влегол со голема желба да направи нешто подобро за градот во кој живее. Еден е од најактивните советниците на седниците на Советот. Дава критики на политиките на актуелната власт, но и предлози за подобри решенија. Често е критикуван од другите советници, и од позицијата, но и од опозицијата, дека е многу активен, но тоа дава и позитивни резултати.
„Околу 40 проценти од дискусиите во Советот на Општина Тетово сум ги имал јас. Горд сум на тоа што за секоја седница на Советот имам обемна подготовка заедно со другите членови од ‘За подобро Тетово‘. За секоја точка од дневниот ред сум имал или прашање или дискусија. Ги читам сите материјали за седниците, за разлика од повеќето други советници кои само се појавуваат на седниците и ја креваат раката, колку да го земат паушалот. Но, ваквата моја активност даде и еден позитивен бенефит, другите советници кои не беа активни почнаа да се преиспитуваат која е нивната улога во Советот, па и тие почнаа подобро да се подготвуваат за седниците. На почетокот имав проблеми и со претседавачот на Советот, но и со градоначалникот Билал Касами, кои мојата активност ја оценуваа како губење време или узурпација на говорницата, па дури и советниците од нивните партии ми замеруваа како јас ги поставувам прашањата кон претставниците на јавните претпријатија и другите сектори во Општината. Но, во последно време гледам дека сè повеќе советници поподготвени доаѓаат на седниците, ги читаат материјалите и дискутираат, а не како досега само да креваат рака и да усвојуваат одлуки предложени од власта“, вели Арифи.
Арифи најмногу забелешки на работата на актуелната власт има во делот на работењето на јавните претпријатија и желбата на општинската власт што е можно повеќе од нив да приватизира.
„Според мене, приватизацијата на собирањето на ѓубрето во градот, кое сега го врши приватната фирмата ‘Саубмахер‘, не ги даде очекуваните резултати, а кај сопствениците на семејни куќи многу се зголемија сметките. Се приватизира уличното осветлување, сега сакаат и водата да ја приватизираат. Се прави јавна дебата за поставување нови водомери, а веќе се одлучиле за јавно-приватно партнерство. Мислам дека сето ова се прави затоа што општинските власти калкулираат со гласови на граѓаните кои не плаќаат сметки, бидејќи полесно им е да пуштат извршител од приватна фирма отколку тоа да го направат општинските власти. Приватизацијата на јавните претпријатија мислам дека е кревање на бело знаме на градоначалникот за проблемите кои ги има градот кои тој не може да ги менаџира, а токму за тие проблеми доби глас од граѓаните за да ги реши. Ако гледа дека не може да ги реши, тогаш подобро е градоначалникот да даде оставка отколку на овој начин, преку јавно-приватно партнерство и со приватизирање на јавните претпријатија да го ‘продаде’ тоа што е јавен интерес за граѓаните и е сопственост на Општината“, вели Арифи.
Арифи и членовите на иницијативата „За подобро Тетово“, сметаат дека општинската власт и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами имаат направено многу пропусти во неговото управување на градот. Како проблеми ги посочуваат низата пропусти во изградбата на инфраструктурните објекти во градот, немањето вистински градски парк, реконструкцијата на улиците кои се почнати пред изборите како дела од предизборната кампања, но сè уште не се завршени. За нив спорни се и бројните хонорарни вработувања во општинската администрација, крајно лошо направените централни сообраќајници во градот и ред други лошо завршени работи.
З. АНДОНОВ



