КАСАМИ САКА УШТЕ ЕДЕН МАНДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ТЕТОВО, НЕ ЗНАЕ ДАЛИ ПАРТИЈАТА ЌЕ ГО ПОДДРЖИ

    КАСАМИ САКА УШТЕ ЕДЕН МАНДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ТЕТОВО, НЕ ЗНАЕ ДАЛИ ПАРТИЈАТА ЌЕ ГО ПОДДРЖИПланирам да се кандидирам, но не знам дали ќе ме прифатат или не од партијата, или од коалицијата“, рече Касами. (Фото: СДК.МК)

    Тетовскиот градоначалник Билал Касами сака на претстојните локални избори повторно да се кандидира за највисоката функција во градот, но уште не знае дали ќе биде поддржан од партијата и од коалицијата.

    „Да, јас планирам да се кандидирам, но тоа е процесот. Не знам дали ќе ме прифатат или не од партијата, или од коалицијата“, рече  Касами на предновогодишниот брифинг со тетовските новинари.

    Тој одговори на повеќе прашања кои му беа поставени, при што секогаш настојуваше во прв план да ги претстави успесите кои тој и Општина Тетово ги имаат постигнато во годинава што изминува.

    Зборувајќи за сè поголемото загадување на воздухот во Тетово, посебно во зимскиот период, Касами рече дека се преземени неколку мерки од кои најзначајна е пошумувањето и садењето дрва на зелените површини во градот.

    „Согласно програмата и планот за заштита на животната средина, презедовме неколку мерки. Една од тие мерки е постојаното пошумување и садење дрва на зелените површини во градот. Исто така, имаме редовни и вонредни контроли на Општинската инспекција за животна средина, која ги контролира загадувачите во случај дали тоа се домаќинства или индустрија. Имаме проект со УНОПС кој предвидува смена на грејните системи на неколку десетина јавни објекти во Тетово, каде е вклучена Општината, судот, болницата, значи, главните загадувачи во градот. Исто така, работиме и во делот на тоа да имаме индикатори, односно мерни станици на неколку локации во градот“, рече Касами.

    Тој рече и дека досега биле извршени 20 контроли и надзори на индустриски објекти и физички лица, при што биле изречени 10 опомени во врска со горивото за огрев кое било користено во овој период, а биле изречени и 35 глоби во висина од 50 евра за физички лица.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира