КАСАМИ СО ДОНАЦИЈА ОД ТУРЦИЈА ЌЕ ЈА ОБНОВУВА СААТ КУЛАТА ВО ТЕТОВО

    КАСАМИ СО ДОНАЦИЈА ОД ТУРЦИЈА ЌЕ ЈА ОБНОВУВА СААТ КУЛАТА ВО ТЕТОВОКасами се сретна со претставници на Унијата на турските општини во светот, предводени од градоначалникот на Коња, Ибрахим Уѓур Алтај (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово во наредниот период уште повеќе ќе ја зголеми соработката со општини од Турција, од каде ветуваат донации за неколку значајни проекти во градот. Ова е договорено на денешната средба на градоначалникот Билал Касами со претставници на Унијата на турските општини во светот, предводени од градоначалникот на Коња, Ибрахим Уѓур Алтај.

    Меѓу другите проекти, Касами сака со турска помош да ја обнови Саат кулата во Тетово, објект изграден во 19. век, кој подоцна бил срушен, а сега постојат само темелите. Иако на Касами му пречеа некои постојни имиња на улиците и велеше дека не треба да бидеме заложници на едно минато време, сега се зафаќа со проект за обнова на објект од османлискиот период.

    Со претседателот на Унијата на општини од Турција се договоривме да се врати уште еден голем и значаен проект за Тетово, а тоа е саат кулата во центарот на градот. Овој проект пред повеќе години беше договорен помеѓу Општина Тетово и Општина Коња, но од претходните власти беше суспендиран. Зборуваме за објект кој бил симбол на Тетово. Ние се обидуваме да го вратиме идентитетот и да ги вратиме културните обележја во градот Тетово и тоа во правец на покажување на нашето минато, кое е многу важно“, изјави Касами.

    Освен за Саат кулата, Касами и Алтај се договориле да ѝ се помогне на Општина Тетово во контролирањето и менаџирањето на отпадот во градот и соработка за отворање центар за наука, наменет за обука на учениците од тетовските основни и средни училишта. Исто така, значајна за градот ќе биде и помошта од Турција во делот на водоснабдувањето на градот.

    Ни беше доделена донација од 100.000 евра за инвестирање во подобрувањето на снабдувањето со водата за пиење, но поради тоа што во меѓувреме се случи земјотресот во Турција, ние доброволно се откажавме од тие пари за да се префрлат во градовите кои беа погодени од земјотресот. Сега разговараме за можноста да продолжат соработката и поддршката во тој дел, поконкретно разговаравме да ни помогнат во набавка на водомери. Општина Коња има многу модерен систем за мерење на трошењето на водата и разговараме тој концепт да се пренесе и во Тетово“, вели Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира