КАСАМИ ВРАЧИ 159 РЕШЕНИЈА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ ВО ОПШТИНА ТЕТОВО И ЈА ОБВИНИ ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ ДЕКА КРИЕЛА ЗАВРШЕНИ ПРЕДМЕТИ

    КАСАМИ ВРАЧИ 159 РЕШЕНИЈА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ ВО ОПШТИНА ТЕТОВО И ЈА ОБВИНИ ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ ДЕКА КРИЕЛА ЗАВРШЕНИ ПРЕДМЕТИКасами вели дека наследил 3.500 предмети за нелегално изградени објекти (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, денеска врачи 159 решенија за легализација на дивоградби. Тој истакна дека наследиле 3.500 предмети за нелегално изградени објекти и дека комисијата што ја формирале во јануари годинава успеала сите да ги разгледа и да донесе соодветни одлуки.

    „Процесот на легализација требаше одамна да биде завршен, но, за жал, беше запоставен на бескрупулозен начин од страна на претходната локална власт. По доаѓањето на чело на Општина Тетово, ги детектиравме проблемите во урбанизмот и формиравме комисија од 14 стручни лица од соодветната област, кои континуирано и неуморно работеа од јануари и успеаја да процесуираат над 3.500 нерешени предмети, кои датираат од 2011 година. Комисијата заврши 159 предмети со одобренија за легализација. Исто така, има и 338 предмети кај кои има неусогласеност на намената на објектот со земјиштето и воедно претставуваат пречка за јавниот интерес, како тротоар, улица, зелена површина. Одбиени се 97 предмети поради правна неусогласеност и несоодветна документација. За наплата се стасани 344 предмети, при што се повикуваат граѓаните да ја извршат уплатата предвидена со Законот за легализација за да можат да го продолжат процесот на легализација на нивните објекти. Освен ова, има и 2.152 предмети со некомплетна документација и за секој од нив изготвивме заклучок за прекинување на постапката, при што секоја странка автоматски ќе биде известена“, изјави Касами.

    Тој ја обвини претходната општинска власт предводена од Теута Арифи дека работела неодговорно и на штета на граѓаните на Општина Тетово.

    „Она што е апсурдно и бара одговор од минатото раководство на Општината е дека 67 предмети со конечни решенија долго време биле чувани во фиока, наместо да им бидат дадени на странките. Ова не може поинаку да се протолкува освен како уште еден доказ дека претходното раководство од коруптивни причини ги држеше тетовчани во заложништво“, обвини Касами.

    Што се однесува до легализацијата на дивоградбите на Попова Шапка, Касами вели дека за тоа ќе треба да одлучува Советот на Општина Тетово, бидејќи целиот простор на викенд населбата се водел како една катастарска парцела, па не можело да се идентификува кој апликант од таа парцела го користел просторот во последните 20 години, што според Законот е услов за да може да влезе во процесот на легализација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира