КАТАСТРОФАЛНА Е СОСТОЈБАТА НА СКИ-ЦЕНТАРОТ „ПОПОВА ШАПКА“ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ЗИМСКАТА СЕЗОНА, ЌЕ РАБОТИ САМО ХОТЕЛОТ „СЛАВИЈА“

    КАТАСТРОФАЛНА Е СОСТОЈБАТА НА СКИ-ЦЕНТАРОТ „ПОПОВА ШАПКА“ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ЗИМСКАТА СЕЗОНА, ЌЕ РАБОТИ САМО ХОТЕЛОТ „СЛАВИЈА“Вработените почнаа да работат на отстранување на дефектите на ски-лифтовите за да може да им се издаде технички прием (Фото: СДК.МК)

    Пред самиот почеток на зимската туристичка сезона ски-центарот „Попова Шапка“ е во многу лоша состојба. Не е направен технички преглед на седумте ски-лифтови и жичници, на вработените им доцнат две плати, отворањето на хотелот „Славија“ е под знак на прашање, а за хотелот „Попова Шапка“ е одлучено да не работи. Пред десетина дена конечно е назначен нов управител на Ски-центарот, кој вели дека се преземаат активности за санирање на состојбата, со цел оваа зимска сезона да започне на време, но условите за тоа биле исклучително тешки.

    „Сега нашите вработени работат на отстранување на дефектите на ски-лифтовите за да може да им се издаде технички прием. Поправивме два ски-лифта, продолжуваме со поправки и на останатите, но со оваа работа многу доцниме бидејќи сето ова требаше да биде завршено пред два-три месеци, а не сега, пред самиот почеток на сезоната. Ќе се работи и во наредниот период, но најмногу технички проблеми и дефекти имаме со шестоседата жичница. Досега се оспособени само ски-лифтовите ‘Аеродром‘ и ‘Ге‘. Дури откако ќе ги отстраниме сите дефекти, тогаш ќе можеме да повикаме комисија да направи технички прием и да ја потврди нивната исправност. Сепак, верувам дека до почетокот на сезоната ќе успееме да ги средиме работите“, изјави Абдулгани Алији, раководител на Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт Ски-центарот „Попова Шапка“.

    Во незавидна состојба се и двата хотела, сопственост на Ски-центарот, „Славија“ и „Попова Шапка“. За лошата состојба Алији го обвинува претходното раководство на Ски-центарот.

    „Оваа година во употреба ќе биде само хотелот ‘Славија‘, што ќе можеме да го оспособиме за работа, додека хотелот ‘Попова Шапка‘ е во катастрофална состојба и таму оваа сезона ќе нема никакви услови за сместување и престој. Исто така, имаме проблеми со исплата на вработените, на кои им доцнат две плати, за што веднаш побаравме помош од ЕЛЕМ. Проблем ќе биде и бројот на ангажираните луѓе во Ски-центарот, бидејќи сега сме само 42, а според систематизацијата, за нормално функционирање потребно е да има 79 лица“, вели Алији.

    Ако се добие потребната техничка дозвола и ако оваа зимска сезона има доволно снег, тогаш сезонските билети за ски-лифтовите купени минатата година ќе важат и оваа зима, бидејќи лани немаше доволно денови со снежна покривка за да можат тие да се искористат.

    Од Ски-центарот „Попова Шапка“ засега не размислуваат за нови инвестиции, туку се насочени колку што е можно до почетокот на новата ски-сезона да ги завршат работите и да ги дочекаат првите скијачи. За инвестиции, како што велат, Владата треба да размислува.

    Минатата власт помпезно најави дека пронашла сериозен инвеститор од Италија, кој бил подготвен да вложи големи финансиски средства во обновата на „Попова Шапка“, но од него нема ни трага, ни глас. Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, неодамна изјави дека се обидел да стапи во контакт со овој италијански инвеститор, но не успеал да го најде.

    „Јас не знам кој и што беше тој инвеститор. За жал, во претходната влада сè беше до министрите. Претходниот министер имаше некојси устен договор со инвеститорот, но си отиде министерот, си отиде и инвеститорот. Јас пројавив желба да се видам со инвеститорот, да видам кој е неговиот интерес, но немаше никаков одговор“, изјави неодамна Касами.

    Тогашниот министер за животна средина Насер Нуредини во Владата потпиша договор со италијанската компанија ТехноАлпин од Болцано, Јужен Тирол во Италија за подготовка на проект за обнова и развој на Попова Шапка. Компанијата го презентираше проектот во Владата во декември 2022. Според проектот, инвестицијата требаше да се реализира почнувајќи од 2023 година и да се реализира во 6 инвестициски фази од кои првата беше предвидено да изнесува приближно 55 милиона евра.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира