ИТАЛИЈАНСКА ФИРМА ЌЕ ГО РЕНОВИРА СКИ-ЦЕНТАРОТ ПОПОВА ШАПКА, ЌЕ ПРАВИ НОВИ СКИЈАЧКИ ТЕРЕНИ И ХОТЕЛИ

    ИТАЛИЈАНСКА ФИРМА ЌЕ ГО РЕНОВИРА СКИ-ЦЕНТАРОТ ПОПОВА ШАПКА, ЌЕ ПРАВИ НОВИ СКИЈАЧКИ ТЕРЕНИ И ХОТЕЛИПроектот вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување на систем за правење снег, проширување на постајната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите. - Министерот Нуредини на Попова Шапка (Фото: СДК.МК)

    Италијанската фирма „ТехноАлпин“ од Болцано ќе го реновира и ќе стопанисува со ски-центарот Попова Шапка. На вчерашната владина седница е прифатен предлог проектот за стратешка инвестиција во ски-центарот Попова Шапка, соопшти Министерството за животна средина.

    Фирмата „ТехноАлпин“ е светски лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони, со 30-годишно искуство. Опслужува над 2.4000 муштерии во над 50 земји. Има над 700 вработени на 16 локации ширум светот.

    Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека со оваа инвестицијата Попова Шапка ќе стане реномиран ски-центар каков што заслужува да биде.

    „Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности, но и да обезбедиме развој. Оваа компанија по направеното истражување понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка кој се карактеризира со модернизација на постоечката ски зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура и туристичко сместувачката дејност“, вели Нуредини .

    Инвеститорот со кого ќе треба да се склучи договор за давање под концесија понудил проект вреден 186 милиони евра. Проектот вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување на систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на паркиралишта, велосипедски патеки и креирање на други рекреативни активности, со што овој центар ќе доби можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.

    „Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и ќе се реализира во 6 инвестициски фази од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра“, додаваат од Министерството.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира