Првата катна гаража во Штип една недела е пуштена во функција, а сѐ уште нема најави за некаква судска постапка, иако уште лани, директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков ја нарече дека е дивоградба. Гаражата почна да се гради во октомври минатата година и е речиси залепена до зградата на Центарот за култура. Трајков тогаш најави судска постапка, ја оспоруваше од една страна дека го спречува главниот влез за големата сала на Центарот и тоа токму пред одржувањето на Макфест, а од друга страна дека градбата е дивоградба и објектот се гради како урбана опрема, спротивно на законот.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов вели дека катната гаража е општински проект од важен капитален интерес на градот за намалување на проблемите со паркирањето и објектот се гради урбанистички со одлука на Советот на Општината и сите постапки се по Закон.
„Имавме опструкции за време на изградбата, дури и физичко спречување објектот да не се гради, но еве за кратко време Штип доби нов паркинг простор за 55 возила. Катната гаража е на две нивоа и за неа се потрошени речиси 10 милиони денари“ вели Јорданов.
Директорот на Центарот за кулура на 20 март одржа прес-конференција пред СВР Штип и при тоа рече дека тој од негова страна до надлежните институции ги доставил потребните пријави со докази и документи и како одговорно лице на важна државна институција си ја исполнил својата раководителска и граѓанска должност.
Панче Стефанов, директорот на ЈП„Стипион“ кое стопанисува со паркинзите во Штип вели дека оваа катна гаража е една од вкупно четирите планирани. Во фаза се постапките уште за катните гаражи кај стариот градски пазар, потоа кај Стоковната куќа „Нама“ во центарот на Штип и најголемата со три нивоа, катната гаража кај зградата Промаја.
„Со катните гаражи и со веќе изградените три паркинг платформи над коритото на реката Отиња во центарот на градот, значително се подобруваат условите за паркирање и во голема мера за намалува овој горлив проблем на градот“ вели Стефанов.
Т. ЈОВАНОВСКИ