Мојот стил на дејствување ќе биде како практично јас да сум директор на секое јавно претпријатие, вели градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски кој вчера за презеде функцијата од Данела Арсовска.
По примопредавањето на фунцкијата во Градот при неговата прва изјава за медиумите САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Ѓорѓиевски дали веднаш ќе назначи нови директори на јавните претпријатија особено на ЈП „Комунална хигиена“ каде има проблеми во функционирањето поради што не се собираше ѓубрето. Ѓорѓиевски одговори дека тој ќе биде одговорен пред граѓаните за состојбите во Градот и нема да ја префрла одговорноста кај директорите.
„Јас нема да вперувам прст во некого и нема да барам изговор во нечие нефункционирање и непостапување. Јас сум адресата што ќе биде одговорна пред граѓаните во наредните 4 години, нормално ако граѓаните сметаат дека добрo го водам градот. Ако сметаат дека не го водам добро градот она што јас го покренав како иницијатива градоначалникот да биде отповикан од својата функција, апсолутно стојам зад тоа. Јас сум овде влезен да направам промени и да покажеме дека можеме нормално да функционираме и градот да биде метропола која нема да ги брка младите“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски најави дека ќе биде отворен и транспарентен и медиумите навремено ќе бидат информирани за сите прашања во врска со функционирањето на Градот.
„Дали ќе бидат назначени нови директори за 15 часа, за три или за пет дека тоа ќе го видиме попатно и навремено ќе ве известам. Јас нема да бидам затворен за медиумите и секогаш ќе бидам отворен за сите прашање. За сè ќе бидете навремено информирани“, додаде Ѓорѓиевски.
Ноќеска започна акцијата за 72-часовно чистење на Скопје во која се вклучени 800 работници и 100 возила, односно камиони за собирање ѓубре, цистерни за миење на улици и метлачки. Покрај возила од „Комунална хигиена“ беа вклучени и камиони од другите градови и како што велат од локалната власт, од општествено одговорни компании.
Ѓорѓиевски пред почетокот на акцијата во изјава за медиумите кажа дека 371 лице е избракано бидејќи не оделе на работа. Ги повика институциите да спроведат истрага за ангажирање на возила за чистење од страна на ЈП „Комунална хигиена“. Рече дека според неговите информации за изнајмување на возилата плаќани се интелектуални услуги на физички лица од 5.000-10.000 евра.
А. АНТЕВСКА



