ЌЕ ГИ ФРЛИМЕ ЛУБЕНИЦИТЕ ВО РЕКА АКО ПРОДОЛЖАТ ДА НЀ БРКААТ ОД ТРОТОАРИТЕ, ВЕЛАТ ПРОДАВАЧИТЕ ВО ТЕТОВО

    ЌЕ ГИ ФРЛИМЕ ЛУБЕНИЦИТЕ ВО РЕКА АКО ПРОДОЛЖАТ ДА НЀ БРКААТ ОД ТРОТОАРИТЕ, ВЕЛАТ ПРОДАВАЧИТЕ ВО ТЕТОВООд Општина Тетово велат дека овој повеќе годишен проблем со продавачите на лубеници наскоро ќе се реши. - Улични продавачи на лубеници во Тетово (Фото: Зандон)

    „Вака веќе не може. Преку глава ми е и од полиција и инспектори. Ќе земам и приколкава со лубеници ќе ја врлам во река. Не знам што друго да направам бидејќи никој не се грижи за нас и за нашиот труд и воопшто не му е грижа за нашата мака“, револтирано реагира Шемси од тетовското село Порој кој продава лубеници по тетовските улици околу зелениот пазар.

    Со него сè уште дваесетина продавачи на лубеници од околните тетовски села кои ја делат истата мака со Шемси. Сите дојдени со тракторски приколки натоварени со лубеници и дињи и бидејќи на градскиот зелен пазар нема доволно место тие се паркирани по тротоарите на улиците околу пазарот. На ова пак реагираат од пазарната инспекција и од СВР Тетово бидејќи со узурпацијата на тротоарите е оневозможено непречено минување на пешаците и се загрозува нормалното одвивање на сообраќајот со што овие служби преземаат чести акции за отстранување на продавачите на лубеници од тротоарите. Ваквата состојба трае веќе со години. Минатата година продавачите на лубеници со своите тракторски приколки дојдоа пред зградата на Општина Тетово и ја блокираа улицата барајќи решение за нивниот проблем. Тогаш од страна на градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи им беше ветено дека брзо ќе се најде решение, но измина една година а проблемите останаа исти.

    „Лани ни ветија од Општината дека ќе ни најдат место каде ќе можеме да дојдеме со приколките и непречено да ги продаваме лубениците но ништо од тоа не направија. Инспекциите и полицијата и понатаму не бркаат од улиците. И ние не сакаме да сме тука но што да правиме, но каде ќе продаваме? Ќе не избркаат а ние пак ќе се вратиме само не знам до кога ќе биде вака. Нека ни најдат соодветно место близу до пазарот ние веднаш ќе отидеме таму. Вака од целата наша годишна мака, од целиот труд што сме го вложиле не можеме ни денар да извадиме“ вели Шемси.

    Од Општина Тетово велат дека овој повеќе годишен проблем со продавачите на лубеници наскоро ќе се реши бидејќи се опремува простор каде тие ќе може да ги продаваат своите производи без да создаваат пречки во одвивањето на сообраќајот.

    „Во делот веднаш до железничката станица во Тетово ќе биде изграден пазар на големо на кој ќе се продаваат не само лубеници туку и сите други сезонски производи. Исто така сакаме да го уредиме и просторот околу постоечкиот зелен пазар и сите оние кои сега продаваат надвор од пазарот да бидат сместени внатре во него за да се ослободат улиците и тротоарите. Процесот кој го водиме за уредување на јавните површини го вклучува и овој дел“, вели градоначалничката Арифи.

    Просторот каде треба да биде сместен пазарот на големо засега е само делумно е направен и најверојатно нема брзо да биде завршен. До тогаш Шемси и другите продавачи на лубеници ќе продолжат да се надмудруваат со инспекторите и полицајците, ќе стравуваат од казни и од опасноста да не можат да го продадат родот за кој макотрпно работеле во текот на целата година.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира