Апелациониот суд Скопје ја потврдил пресудата за доживотни затворски казни на Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Вања беше грабната за изнуда на пари од нејзиното семејство, а возилот „ситроен“ убијците го украдоа за превоз на грабнатото девојче во вреќа во гепекот.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, со оваа сè уште неофицијална и необјавена одлука на Скопска апелација се укинува ослободителната пресуда на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и се враќа на повторено судење. Ѓорчевски беше обвинет за помагање, со давање информации за часот на излегувањето на неговото дете за на училиште.
По официјализирање на одлуката, Палевски, Манев, Видевски и Кешишев по скоро три години поминати во притвор во затворот во Шутка, ќе бидат пренесени во затворот „Идризово“ каде ќе останат до крајот на животот, без право ни на еден ден, односно викенд за излез.
Палевски и тројцата соучесници во грабнувањата и свирепите убиства со поднесените жалби бараа укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката отпочеток, во Кривичниот суд Скопје. Имаше јавна седница во Апелациониот суд Скопје на која тие ги образложија барањата.
На 27 ноември 2023 во седум часот, по насока на Палевски, Видевски и Манев ја грабнале Вања со намера од член на семејството да изнудат пари. Кога детето излегло од лифтот, ја чекале Видевски и Манев. Ја фатиле за устата и половината, ја совладале, заканувајќи ѝ се да не вика.
Во вреќата за спиење ја ставиле на стомак, Манев ја врзал за рацете и нозете, Видевски ѝ се заканил да не вика оти ќе пукаат, Манев ја ставил преку рамото и ја сместиле во гепекот на „ситроенот“ на веќе покојниот Панче Жежовски.
По насоки на Палевски, го однеле детето на местото Дупки кај Бразда и изложувајќи го на тешко психичко страдање, Палевски го убил. Вања починала веднаш од куршумот што ѝ поминал низ мозокот, сѐ до прешлените.
Претходно, на 22 ноември 2023 , на ист начин, Манев го нападнал Панче Жежовски, Видевски го совладал и му залепил лента на устата. По насоки на Палевски, го однеле на местото Рудник над Велес, Палевски го убил, со еден куршум му го растурил мозокот.
И во двата случаја, возел или чувал стража, односно логистика им бил четвртоосудениот Влатко Кешишев.
С. К. ДЕЛЕВСКА



