1 Кривичниот суд го ослободи поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“ за незаконската донација со која е изградено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Делото ионака застарува за еден месец, но поважно е дека со ослободителната пресуда веќе нема шанси за конфискација на Белата палата.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски постојано ја пизмеше и обвинителката Ленче Ристовска што ги водеше „Талир 1“ и „Талир 2“ во кои обвинета беше владејачката партија. Потоа Мицкоски од собраниска говорница му кажа на новиот државен обвинител Ненад Савески што очекува од него. Па Савески ѝ ги зеде предметите на Ристовска. Таа веднаш си поднесе оставка. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ на серија прес-конференции бараше да биде разрешена и судијката што го водеше процесот за Белата палата.
Патем, уште еднаш да се потсетиме дека измените на Кривичниот законик со кои се намалија казните за службените лица и што отвори пат за побрзо застарување на кривичните дела на функционерите, беа донесени во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ, со помош на ВМРО-ДПМНЕ. Тие решија баш на тој 6 септември 2023 да влезат во салата и да направат кворум, иако претходно ги блокираа сите собраниски седници. Си земаа плата со седење пред врата.
Е па, еве, конечно премиерот Христијан Мицкоски рече дека „овој пат судот застана на страната на правдата“. Сега сигурно и рејтингот на правосудството ќе порасне.
Во 2017, кога тогашниот премиер Зоран Заев одеше на суд како обвинет дека зел поткуп изјавуваше дека ќе го отвори судството како пупка.
Христијан Мицкоски во 2026 е на добар пат да го напупи.
2 Преносите од седниците во Собранието се како натпревар во говор на омраза. Чиниш, пратениците не можат да се наситат од лошотилак.
Ако простаклук излегува од собраниска говорница, што муабет да правиме понатаму? Ако денес пратеничка на владејачката партија ѝ вика на пратеничка од опозицијата „доста скокаш како кокошка“, зошто утре кокошката да не биде искубана на улица? Па и вратчето да ѝ се цвикне.
Па после пратениците се шокираат, морализираат и осудуваат врсничко насилство кај децата, па и на комисии ќе расправаат.
Како ли ги бираат во партија кога ги ставаат на пратенички листи? Кој знае погнасни зборови од лидерот оди погоре на листата?
Пред две недели, тие исти пратеници се сликаа дека донеле Кодекс за етичко однесување.
Кај и да е, ќе донесат и зборник на гнасни зборови пред влез во ЕУ.
3 Советниците на мнозинската СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар здружно изгласаа на Водно да се градат 13 згради, за кои кои треба да се сече шума. Нивната колешка од независната граѓанска листа „Шанса за Центар“ буквално ги молеше да гласаат со своја глава. „Зарем за неколку моќници ќе го ставиме цел град во опасност?“, апелираше таа на нивната совест и како да се деца во градинка на макета им покажуваше дека утре Водно може на сите да ни се урне врз глава.
Џабе. Безнадежно е кога гледаш дека наредбата од партијата е посилна од здравиот разум на советниците и од експертиза на реномирана архитектка. Или се глупави, или имаат личен интерес. А може и двете.
Стручните служби во Општината велат дека сега е 21. век, дека луѓето отишле на Месечината, па можно е со употреба на технологија да се гради и на стрмен терен на Водно.
Со што Општина Центар покажува дека живееме во 21. век? Со тротоарите што пропаѓаат во дупките од незаштитените градилишта и на рамен терен? Со што главниот град покажува дека живееме во 21. век? Со градилиштата во кои работниците гинат затрупани во ископите за темели? Со пат, ете баш на падините на Водно, кој по неколку санации од Општина Кисела Вода се расцепи и пропадна, па сега треба Владата да го спасува со пари од државниот буџет? Еден ѕид под Водно над Детската клиника се урна, па со години се убедуваа кој треба да го санира, дали Градот, дали Општината, дали Владата, а тука ни викаат „луѓето на Месечината отидоа“.
Тоа се некои други луѓе. Ние живееме во земја во која 57 километри автопат се градат 12 години. И уште ќе се гради, оти не можат да ги решат свлечиштата. Море, каков автопат, па јавно претпријатие за градски водовод во Гостивар на диво става пумпа да црпи вода од Вардар во цевководот за питка вода!
Некои луѓе навистина отидоа на Месечината. А ние во Скопје од Драчево до Ѓорче Петров не можеме да стигнеме со јавен превоз.
Ама, ја имаме таа чест и привилегија што сме благословени со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои со здружени сили ќе бидат понапредни и од тие што стасале до Месечината. Ќе сечат шума за утре Водно да прооди. Накај Скопје.
4 Кога ми раскажуваат за стандарди од 21. Век, како вицови да ми кажуваат. Не е само со градбиве и силување на природата. Истото ни го раскажуваат и со концесиите за рудници што ќе носат просперитет. Ќе бидат еколошки и безбедни како за 21. век.
Што инвестиција е ако се загади земјата од која што се храниме?
Што инвестиција е ако утре прооди Водно?
Кој ќе ги плаќа тие инвестиции?
Градоначалниците велат: Ако не им дадеме дозвола за градба, ќе плаќа казна државата.
А ако утре пролизга планината и почнат да попуштаат потпорните ѕидови на моќните инвеститори, кој ќе ја плати штетата? Градоначалниците и советниците што гласале ќе извадат пари од џеб? Сме гледале на телевизија како плачат за отштети и бараат државата да им ги плати штетите од пукнатите ѕидови.
А ако, сепак, сега не им ја дадете дозволата, и тие што порано незаконски им ја дале да одат во затвор? Како би било таа да размислуваме, за промена?
5 Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова беше гостинка на приемот на Амбасадата на Франција по повод Денот на Бастилја, Националниот ден на Француската република. Приемот беше во еден ресторан на врвот на катна гаража, една од неколкуте што се под управа на Градот Скопје, во кои во 21. век со месеци не работат лифтовите.
Нејсе. Не ми беше муабетот за гаражите. Туку за прославата на Денот на Бастилја.
Францускиот претседател Емануел Макрон два дена го славеше празникот во Париз. Таму беа околу триесетина европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск, украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Молдавија Маја Санду… Меѓу гостите беа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Државниот врв секако бил поканет во Париз затоа што таму беше вицепремиерот Беким Сали. Не знам од кои причини на прославата не беа или претседателката Сиљановска-Давкова, или премиерот Мицкоски.
Не знам како било по протокол. Не е важно ни дали премиерот не отишол оти не можеше да ја одложи реконструкцијата на Владата, или претседателката не можела да се одмори по напорниот викенд на Галичка свадба и Охридско лето. Ама искрено, некако не ми беше убаво кога ја видов групната фотографија од пред Елијсејската палата со сите лидери околу славеникот, а од македонското државно раководство покрај сите претседатели на држави и премиери отишол вицепремиер.
Додека во Париз Макрон ги собираше европските шефови на држави и влади, истиот ден, во Брисел се одржаа четири меѓувладини конференции на ЕУ со четири кандидатки за проширување – Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Европските бирократи на настанот му дадоа име „европски супервторник“.
И ајде сега, да се вратам на приказната за ресторанот во Скопје, катната гаража од 21. век, европскиот супервторник за проширувањето на ЕУ и Денот на Бастилја. Многу ми беше криво. Ама стварно многу. Молдавската претседателка Маја Санду во Елисејската палата, а македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во катната гаража со расипани лифтови.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



