Кај хотелот „Холидеј ин“ ќе се гради она што го предвидува Деталниот урбанистички план, а ќе се слуша и мислењето на граѓаните, но сè додека плановите се важечки произведуваат правна основа за идни градби, вели директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Кристијан Трајковски.
Откако утрово во интервју за државната агенција МИА тој најави дека Акционерското друштво ќе гради три 60-катници кај „Холидеј ин“, градоначалникот Саша Богдановиќ му одговори дека на овој простор нема шанси да никна висококатници оти во моментов на сила е мораториум на сите планови а со измените кои ќе се прават катноста во овој дел ќе се намали.
Сега Трајковски вели дека работат согласно годишната програма која е донесена од Владата и е изготвена врз основа на деталните урбанистички планови. Токму општините одлучуваат за намената на локациите и за површината на градбите и дека како и до сега и во иднина ги почитуваат законските прописи на важечките урбанистички планови.
„Доколку некои од градоначалниците се на став дека одредени градби не треба да бидат предвидени во деталните урбанистички планови, сметаме дека до сега имаа време да ги изменат овие планови, или да покренат иницијатива за нивна измена. Сè додека деталните урбанистички планови се важечки, тие произведуваат правна основа за идни градби“, вели Трајковски.
А. АНТЕВСКА