На преминот на Широк Сокак кај хотелот „Епинал“ конечно ќе се стават пешачки семафори кои треба да го олеснат сообраќајот и преминувањето на пешаците преку оваа сообраќајница. Од Општина Битола соопштија дека започна поставувањето.
Станува збор за крстосница меѓу улицате Димитар Илиевски- Мурато и Широк Сокак, која е дел од пешачката зона. Досега не беше поставен семафор, а возилата чекаат да поминат пешаците кои се шетаат низ Широк Сокак и ги пропуштаат еден по еден, па се создава долга колона и сообраќајот се одвива тргни-застани. Воедно, и голем дел од битолчани со возилата секојдневно минуваат од таму, дел поради потреба, но и оние кои се шетаат или одат на кафе, па бараат паркинг што е можно поблиску до кафулето. Теренските анализи покажажуваат дека 50 проценти од дневниот проток се автомобили кои транзитираат.
Пешачките семафори ќе функционираат кога преминот не е затворен за сообраќај, а тоа е во текот на цела година со исклучок на летниот период.
Во непосредна близина на овој премин е и плоштадот Гоце Делчев, за кој од одамна имаше планови да не биде паркинг. Од Општината соопштија дека проект кој беше најавен конечно почнува да се реализира, а
плоштадот ќе биде ослободен од возила и ќе стане пешачка зона.
Исто така, во план е поставување пешачки семафори и на преминот на Широк Сокак кај Камен Мост каде ситуацијата е идентична како онаа кај „Епинал“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



