ЌЕ СЕ ДОВРШИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА КОЈ Е ДИВОГРАДБА, ЉУТКОВ ВЕЛИ ДА СЕ УРНЕ БИ БИЛО ДУПЛО ПОСКАПО

    ЌЕ СЕ ДОВРШИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА КОЈ Е ДИВОГРАДБА, ЉУТКОВ ВЕЛИ ДА СЕ УРНЕ БИ БИЛО ДУПЛО ПОСКАПОСпоменикот е дивоградба, прекршува низа закони и ја загрозува безбедноста на централниот плоштад во земјава. (Фото: К. Попов)

    Министерството за култура ќе го доврши споменикот на Мајка Тереза, кој е дивоградба и го блокира влезот на Плоштадот Македонија во најстрогиот центар на Скопје. Министерот за култура Зоран Љутков вели дека како и останатите незавршени објекти и овој споменик ќе се доврши, но не даде детали кога ќе се почне со градежни работи.

    „Има еден куп проекти кои што се застанати и наша тенденцијата е сите да се завршат. Рушење од практични причини не е добро, затоа што ќе чини дупло повеќе тоа што до сега е изградено да се сруши отколку да се доизгради“, рече Љутков одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Споменикот на Мајка Тереза е меѓу објектите од озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши околу 700 милиони евра. За објектите од „Скопје 2014“ Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група, која во извештајот кажа дека бетонската дивоградба споменик на Мајка Тереза треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот плоштад во земјава.

    Владата на СДСМ, која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“, додека беше на власт осум години не го чепна овој објект. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.

    Но, Владата на СДСМ не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата. Но, конкурс не беше распишан и сега новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го довршува објектот.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира