ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПРИСТАНИШТА ВО СТРУГА И ПОГРАДЕЦ, МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА ЌЕ СЕ ПОВРЗАТ СО БРОДСКА ЛИНИЈА

    ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПРИСТАНИШТА ВО СТРУГА И ПОГРАДЕЦ, МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА ЌЕ СЕ ПОВРЗАТ СО БРОДСКА ЛИНИЈАЗа новата линија ќе се набават два еколошки брода со сончеви колектори (Фото: СДК.МК)

    Струга и Поградец ќе добијат пристаништа, со што конечно ќе профункционира долги години најавуваната бродска линија што ќе ги поврзува овие градови на Охридското Езеро. Тоа, според министерот за локална самоуправа, Горан Милески, ќе значи подобрување на туристичката понуда.

    „Тоа е стратешки проект што го имаме со албанската страна. Со зголемување на туристичката понуда ќе се привлекуваат и поголем број туристи“, вели Милески.

    Одредени се локациите за изградба на пристаништата во Струга и Поградец, а според најавите, целиот проект предвидува и набавка на еко-бродови.

    „За оваа линија ќе се набават два брода со сончеви колектори, па нема да го загадуваат езерото. Дел од средствата за целиот проект се од ИПА фондовите“, најави Милески.

    Во Струга нема пристаниште, додека во Охрид долго време се најавува санација на постоечкото и негова доградба. Туристичките работници ја поддржуваат идејата за воведување неколку бродски линии. Велат дека треба да се работи на зголемување на туристичката понуда, која со години е иста.

    Бродската линија Охрид-Поградец првпат се воспостави во 2014 година, кога беше кажано дека тоа е историски момент за двете држави, но за кратко време беше укината поради слаб интерес. Во минатото, пак, ваква линија имало до 1948 година, кога бродот „Корзика“ пловел на релација Охрид-Поградец и Охрид-Струга.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира