ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ОД ОПШТИНА КАРПОШ ВЕЛАТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР ДОЦНА МУ ТЕКНА ДА ГО ПОНИШТИ ПОЗИТИВНОТО МИСЛЕЊЕ

    ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ОД ОПШТИНА КАРПОШ ВЕЛАТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР ДОЦНА МУ ТЕКНА ДА ГО ПОНИШТИ ПОЗИТИВНОТО МИСЛЕЊЕИнвеститорот „ЗСФ Ком“ веќе почна со продавање на становите и на социјалните мрежи го рекламира објектот како луксузен комплекс за живеење. (Фото: СДК.МК)

    Зградата со 17 ката кај Воена болница ќе се изгради, бидејќи Општина Карпош нема намера да ја стопира градбата и да ја поништи градежната дозвола. Иако Конзерваторскиот центар го поништи позитивното мислење издадено од ексдиректорот Костантин Димитровски и минатиот месец издадено ново, со кое не се дозволува да се гради околу болницата, сепак Општината не презема никакви мерки и му дозволува на инвеститорот „ЗСФ Ком“ да ја гради зградата.

    Од Општината велат дека нема зошто да ја поништат градежната дозвола кога таа е издадена на 1 февруари по прибавување на сите позитивни мислења од надлежните институции.

    „Во моментов се води судска постапка пред Управниот суд, со кој што незаконски е поништено веќе даденото позитивно мислење, од причина што согласно Законот за Општа и управна постапка, не постои поништување на мислење туку ништовност на актот, а за поништување веќе биле одминати сите законски рокови. Токму од тие причини постапката е пред Управниот Суд. Со добивање на негативното мислење не сметаме дека треба да се поништи одобрението за градење, од причина што веќе на ден 8.11.2023 година оваа установа веќе издала позитивно мислење, на кое што ниту Конзерваторскиот центар, ниту Министерството за култура, ниту било кој друг субјект немал забелешка, за да после три месеци од издавањето на позитивното мислење ѝ текне на самата установа да го поништи своето мислење“, велат од Општина Карпош.

    Американскиот Стејт департмент на 18 март го стави на црна листа градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, бидејќи со неговите дејствија како градоначалник го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. Според Стејт департментот, Јакимовски „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

    Димитровски на 13 декември беше приведен како осомничен за дивјачко уништување на културно наследство во Стара скопска чаршија. Димитровски доби домашен притвор за уривањето на хотелот „Шар ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство, по што беше разрешен од директор на Конзерваторски центар, а беше поништено и позитивното мислење за 17-катницата.

    На терен градежна механизација на големо работи за изградба на зградата односно во овој момент се копа јамата. Инвеститорот „ЗСФ Ком“ веќе почна со продавање на становите и на социјалните мрежи го рекламира објектот како луксузен комплекс за живеење во центарот на градот.

    Блокот од 17 ката со 419 станови плус деловен простор, со 2.000 жители се гради меѓу пет здравствени установи. Зградата ќе никне меѓу поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош, болницата „8 Септември“, Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ центар) односно за дијагностика на болните со малигни заболувања и приватната болница „Жан Митрев“. Во непосредна близина е и теренот од каде со хеликоптер се носат болни и повредени во ГОБ „8 Септември“.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира