ЌЕ СЕ ПОСТАВУВА СПОМЕНИК НА ПРВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ, ЈОСИФ МИХАЈЛОВИЌ-ЈУРУКОСКИ

    ЌЕ СЕ ПОСТАВУВА СПОМЕНИК НА ПРВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ, ЈОСИФ МИХАЈЛОВИЌ-ЈУРУКОСКИМихајловиќ-Јурукоски бил градоначалник на Скопје со мали прекини од 1929 до 1941 година и се смета за „татко на модерното Скопје“. (Фото: МАРХ)

    Ќе се поставува споменик на првиот градоначалник на Скопје, Јосиф Михајловиќ-Јурукоски. Тој бил на функцијата со мали прекини од 1929 до 1941 година и се смета за „татко на модерното Скопје“.

    Во буџетот за култура на Град Скопје за 2026 година предвидени се еден милион денари за изработка на спомен-обележје на Михајловиќ-Јурукоски.

    „Сметавме дека оваа личност, татко на модерното Скопје, заслужува едно такво обележје во главниот град. Во програмата се обезбедени пари за оваа намена“, вели Тања Балаќ, раководителка на Секторот за јавни дејности во Град Скопје.

    Јосиф Михајловиќ е роден во селото Тресонче на 28 мај 1887 во семејство на ѕидари и зографи. Дипломирал на архитектонскиот отсек при Високата техничка школа во Белград во 1910 година. Првата работна задача во 1911 година му била вклучувањето во тимот кој ги проектирал зградите на Српската академија на науките и уметностите и на градската палата на Белград. Потоа патот го однел во Америка, каде што останал до крајот на Првата светска војна. На американскиот континент се стекнал со титулата инженер-архитект и длабоко навлегол во американските политички концепти. По враќањето од Америка заминал на доспецијализација на Институтот за урбанизам при Универзитетот Сорбона во Париз и заминал на уште повисоко специјализирање во Лондон.

    Бил коосновач на белградската фирма „Феникс” и бил вклучен во изградбата на пругите Ужице-Сараево и Велес-Прилеп. Во 1929 година бил назначен за градоначалник на Скопје (претседател на скопската општина) и останал на оваа должност до 1936 година. По мал прекин, повторно ја презел истата функција, на која останал до крајот на својот живот.

    За време на својот, речиси 10-годишен мандат својата активност ја насочил кон модернизација на Скопје и неговото комунално уредување. На почетокот на 1929 го направил Генералниот регулационен план на Скопје според идејниот план на Димитрије Т. Леко од 1914 година и извршил геодетски премер на градот.

    По усвојувањето на планот во 1930, се посветил на остварување на замисленото. За потребите за електроснабдувањето на градот ја изградил термоцентралата под Кале. Свесен за невозможноста градот да се развива без електрична енергија ја започнал и изградбата на хидроцентралата Матка. За таа цел прво ја изградил браната на реката Треска. Во истиот период почнала изградбата на водоводот Рашче, што претставува исклучителен градителски зафат од областа на комуналиите. Во неговиот мандат се градат повеќе училишта и мнозинството капитални објекти, препознатливи како скопски белези. Меѓу нив се Народното собрание, Општинската зграда, Градската болница, Хигиенскиот завод, Заводот за социјално осигурување, Старата железничка станица, Народната банка, Трговско-индустриската комора (Метропол), Лекарската комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар”, бетонските мостови на Вардар и многу други.

    Со цел да го заштити Скопје од поплави, го изградил насипот на Вардар во градскиот парк и го регулирал течението на Серава низ Чаир и Топана, кои биле често поплавувани.

    Се занимавал и со архитектонско проектирање. Негови реализирани проекти се зградата на Црвен крст Скопје (1930), станбена зграда на аголот на улиците Раде Кончар и Дебарска (1936), фабриката за текстил во индустриската зона Скопје (1939), сопствената индивидуална куќа, Македонска куќа, која денес е албанската амбасада (1939) и Јавната берза на трудот на булеварот Кочо Рацин (1939).

    Починал во скопската клиника за време на хируршка интервенција за вадење на слепото црево. Официјалниот медицински извештај вели дека при операцијата настанале компликации и лекарите не можеле да го спасат.

    Тресончанецот Јосиф Михајловиќ починал на 11 март 1941. Погребната поворка ја следеле повеќе од 15.000 скопјани, церемонијата траела околу пет часа, а проштални говори за неговите живот и дела одржале повеќе од 20 луѓе.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира