ЌЕ СЕ РЕНОВИРА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, ПРОЕКТОТ ЌЕ ГО ПРАВАТ АРХИТЕКТОНСКИОТ И ГРАДЕЖЕНИОТ ФАКУЛТЕТ

    ЌЕ СЕ РЕНОВИРА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, ПРОЕКТОТ ЌЕ ГО ПРАВАТ АРХИТЕКТОНСКИОТ И ГРАДЕЖЕНИОТ ФАКУЛТЕТДеканката на скопскиот Архитектонски факултет Анета Христова-Поповска рече дека идејата е со реконструкцијата да се предвидат содржини со кои овој објект ќе го направат културен хаб. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се реновира главната Железничка станица во Скопје која сега е запуштена и девастирана, најави денеска директорот на ЈП Македонски железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски, кој рече дека проектирањето ќе го вршат Архитектонскиот и Градежниот факултет.

    Станицата е дел од комплексот наречен Транспортен центар кој е завршен во 1981, чиј автор е големиот јапонски архитект Кензо Танге, кој е автор и на проектот за изградба на Скопје по земјотресот во 1963. Станицата, која е на помалку од километар од центарот на градот, има 10 колосеци поставени на масивен бетонски мост долг 2 км.

    „Станицата ќе се реновира со задржување на автентичниот изглед проектиран од Кензо Танге. Ќе се врши замена на инсталацијата, водоводот, греењето и ладењето. Ќе има забрана за рекламирање на какви било рекламни билборди. Станицата не може да биде турбофолк хаб, може да има содржини од општествен интерес, но ќебапчилници од кои мирисот се шири низ цела станица нема да има. Ќе има целосно нови правила на Железничката станица“, рече Ивановски.

    Во наредниот период ќе се прави проектирање кое би траело околу една година, по што би почнале активности за реализација. Ивановски вели дека една од опциите за финанцирање е преку кредитот за Коридорот 10 преку британското стратешко партнерство.

    „Тоа што сега ќе го направиме треба да трае во наредните 50 до 100 години и нема да брзаме со проектирање. Ни треба минимум една година во која треба да добиеме проект со фази. Целосно реконструирана железничка станица, пруга од железничка станица до аеродром Петровец и во исто време брза железничка пруга на Коридор 10, овие трите работи е добро да се случат во исто време. Финансирањето може да биде од државниот буџет, од заеми од ЕБРД или ЕИБ, но не ја исклучувам можноста оваа железничка станица да влезе во стратешкото партнерство со Велика Британија”, рече Ивановски.

    Деканката на скопскиот Архитектонски факултет Анета Христова-Поповска рече дека идејата е со реконструкцијата да се предвидат содржини со кои овој објект ќе го направат културен хаб.

    „Ќе ги преиспитаме оргиналните идеи и ќе бидеме внимателни да ги редизајнираме и да додадеме нешто ново кое ќе даде дополнителна вредност на Железничката станицата. Има многу работа оти станицата е многу запуштена. Сметаме дека треба да се заживее просторот на платформата, да стане културен хаб, да се одржуваат културни настани, нема да остане празна бетонска платформа“, рече Христова-Поповска.

    Деканот на Градежен факултет Јосиф Јосифовски рече дека тие ќе работат на целосна реконструкција на елементите од железницата, мостовски конструкции, санирање на свлечишта и потпорни ѕидови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира