Преполни канти за отпадоци, ѓубре расфрлено по патеките и тревниците е секојдневната слика во Клиничкиот центар. Пациентите и јавноста повеќе пати реагираа за лошата хигиена на скопските клиники, особено во последно време, дека е валкано и дека ѓубрето не се отстранува навреме.
Министерството за здравство неодамна го поништи тендерот за избор на фирма која ќе ја одржува хигиената во Клинички центар, со објаснување дека ингеренциите се вратени на Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники и дека таа треба да распише тендер за избор на фирма која ќе се грижи за хигиената. Во меѓувреме, неколку пати беа организирани акции за чистење на Клиничкиот центар, во кои се вклучија јавните комунални претпријатија од Скопје и локалната самоуправа.
Директорката на Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники Шкодране Дардишта вели дека тендерот го подготвуваат, а дека во меѓувреме секоја недела ќе го чистат Клинички со вакви акции. Таа вели дека оваа сабота заедно со екипи од ЈП Комунална Хигиена, Општина Карпош и Општина Гази Баба ќе направат акција за чистење.
„В сабота ќе имаме акција за чистење. Додека не се избере фирма за чистење, секој викенд ќе организираме вакви акции“, вели Дардишта.
Директорот на ЈП Комунална хигиена Абдусамет Шабани вели дека досега неколку пати јавното претпријатие се вклучува во акциите за чистење на Клиничкиот центар на добра волја и дека повторно ќе се вклучи. Тој вели дека Клинички центар кон Комунална хигиена има стар долг од 34 милиони денари.
„Со тие пари ќе купиме најмалку шест нови возила и ќе можеме да ја подобриме хигиената во градот“, вели Шабани.
Е. БОЧВАРОСКА