КОЛЕКТОРOT НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ЦЕЛОСНО ТРЕБА ДА СЕ ОБНОВИ ДО 2025, ПРОЕКТОТ ЧИНИ 50 МИЛИОНИ ЕВРА

    КОЛЕКТОРOT НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ЦЕЛОСНО ТРЕБА ДА СЕ ОБНОВИ ДО 2025, ПРОЕКТОТ ЧИНИ 50 МИЛИОНИ ЕВРАВо охридскиот дел ќе се градат четири пречистителни станици - шахта на плажата Лагадин (Фото: СДК.МК)

    Комплетна реконструкција на колекторскиот систем долж брегот на Охридското Езеро до 2025 година е предвидена со Планот за управување со Охридскиот регион. Проектот почнува со доизградбата на колекторот од Елен Камен до Радожда на струшкиот дел од езерото.

    Владата неодамна го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Министерството за финансии, да обезбеди средства и да го означи овој проект како приоритетен за 2021/22 година.

    За доизградба на колекторскиот систем во Љубаништа, Градиште и Трпејца, кои сѐ уште се со септички јами, засега нема владини средства. Проблемот ќе се решава со пречистителни станици.

    Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вели дека со ова целосно ќе се затвори колекторскиот систем во Струшко и воопшто нема да има загадени води кои ќе одат во езерото.

    „Сливот на водите од Свети Наум до Подмоље е кон Охридското Езеро, додека на струшка страна, сливот е кон реката Црн Дрим, фекалиите не се слеваат во езерото. Со доизградбата на колекторскиот систем од Елен Камен до Радожда, во целост ќе се испочитуваат препораките на УНЕСКО во делот на заштитата на Охридското Езеро“, вели Мерко.

    Од друга страна, за санирање на колекторскиот систем во Охридско, кој се` уште е нефункционален, па при поголеми дождови има излевање на фекалии директно во езерото, ќе се градат четири пречистителни станици со средства кои треба да ги обезбеди општината. Една ќе се гради кај најпознатата туристичка населба Трпејца, потоа Љубаништа и кај Косел и Лакочереј, места од каде што индиректно се загадува езерото.

    „Тоа се клучни проекти кои треба да ги завршиме во однос на заштитата на Охридското Езеро од отпадни води. Следува фаза на распишување тендер за изработка на проект за пречистителната станица во Трпејца. И минатата година обезбедивме средства за тоа, бидејќи влезе во годишната програма на Словенската развојна агенција, но поради коронакризата не се потпиша договор“, вели градоначалникот Константин Георгиевски.

    Согласно студијата изработена од Jaпонската агенција за меѓународна соработка, потребни се 50 милиони евра за комплетна ревитализација и доизградба на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

    Со средства од европските фондови ќе се решава и проблемот со најголемиот загадувач на езерото, реката Сатеска. Со Планот за управување се предвидени реконструкција на старото корито на Сатеска од Волино до Црн Дрим, изградба на структура за пренасочување на дел од протокот на реката, регулација на горниот тек на Сатеска од Волино до Клемештица, таложници за нанос во горниот тек на реката, пошумување и други антиерозивни мерки. Активностите за пренасочувањето е планирано да завршат до крајот на 2024.

    „Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие ‘Колекторски систем‘ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. Во меѓувреме, овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

     С. ВРЕНЦОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира