Струмичките средношколци вклучени во дуалното образование не го кријат своето задоволство од зголемениот фонд на часови за практична настава. Според нив, на тој начин директно стекнуваат дополнителни вештини и компетенции и директно се запознаваат со одреден производствен процес.
Учениците од втора година во машинската струка при средното училиште „Никола Карев“ во Струмица еднаш неделно практичната настава ја изведуваат преку работа кај работодавач. Тие цела учебна година секој петок беа во погоните на „Биро Сеф“, компанија која има склучено договор со училиштето за дуално образование. Таму работат, но и се едуцираат за изработката на секакви метални конструкции преку сите машини со кои располага компанијата.
„Ако не е практичната настава, нема да го знаеме толку добро она што ни го кажуваат и објаснуваат професорите за време на наставата. Колку повеќе имаме практична настава толку подобро, за самите нас, за да го разбереме она што го учиме и да бидеме подготвени утре-задутре да се вработиме или отвориме свој бизнис. Сакам да заварувам, брусам. Интересно ми е кога на ЦНЦ машината правиме одредени фигури на металот или пак даваме насоки на кроење“, вели Митко Пецов, кој ја заврши втората година од образовниот профил техничар по производно машинство.
Со него се согласуваат и останатите ученици од машинската струка кои учат преку работа кај работодавач. Дел веќе можеа да изведуваат одредени операции во погоните на компанијата, под будното око на менторот или претставникот од компанијата кој е задолжен за нив. Дел заваруваа метални конструкции, трети вршеа сечење на одредени профили за потребите на деловни партнери. За нивната едукација во компанијата беше задолжен Филип Бајрактаров, кој отворено кажува дека ќе упати покана кон дел од учениците кои сакаат за време на летниот распуст да работат, бидејќи се чуствува недостиг на стручен кадар во Струмичко за нивните потреби.
„Секако декаќе ги земеме ако има интерес од нивна страна. На овој начин градиме кадар и за нашите потреби. Дел од децата покажуваат огромен интерес и работат полесни операции. Сметаме дека децата со практичната настава добиваат повеќе искуство и претстава за тоа што го учат. Се надеваме дека некои ќе останат да работат овде. Инаку, ги воведуваме во целиот производствен процес. Им даваме стартна основа од најобичните операции кон посложените. Секако дека треба време да се совладаат сите операции и вештини кога се работи со метал“, вели Бајрактаров.
Во „Никола Карев“, кое се смета за пионер за овој тип на образование, во новата учебна година има предвидено шест образовни профили како дел од дуалното образование и веќе имаат потпишано договори со струмичките компании. Освен за машинската струка, зголемен фонд на часови по практична настава ќе има и во градежната, текстилната, дрвенопреработувачката и сообраќајната струка.
Професорот по машинските предмети Митко Ружинов, вели дека иднината е средното стручно образование со оглед на недостатокот на стручен кадар на пазарот на труд. Според него, дуалното е полн погодок бидејќи се прави силна врска меѓу училиштата, учениците и компаниите и се гради стручен кадар кој по завршување на три или четиригодишното образование директно може да се вклучат во реалниот сектор.
„Во училиштето имаме кабинет и работилница за машинската струка, но разликата е огромна бидејќи ние како училиште ги немаме сите потребни алати и машини. Во компаниите ќе се сретнат со преса што ние овде ја немаме. Таму учениците ќе сретнат со ЦНЦ машините со ласер кои овде ги немаме. Директно го чувствуваат тој производствен процес и добиваат искуства, компетенции. Таму учениците буквално се запознаваат со цел процес, од прием на материјали до готов производ“, вели професорот Ружинов.
Последниве години, Министерството за образование контуринирано работи на унапредување на средното стручно образование за што постојано ја реализира кампањата „Учи паметно, работи стручно“, во која ги вклучува и членките на Стопанската комора за партнерство. Средношколците од дуалното образование може да добиват и месечна стипендија од 3.000 денари од државата. Целта на овој тип образование, кое го помага и швајцарската амбасада, е младите да дојдат до вбработување со веќе стекнати стручни вештини, а компаниите да обезбедат релевантност на стручното средно образование, но и до кадар кој сами го градат.
В. ТРАЈКОВ