КОМУНАЛЦИТЕ ОД ВИНИЦА ДОБИЛЕ МАЈСКА ПЛАТА ОД 100 ДЕНАРИ, УТРЕ ЌЕ ИМ СЕ ИСПЛАТИ ОСТАТОКОТ

    КОМУНАЛЦИТЕ ОД ВИНИЦА ДОБИЛЕ МАЈСКА ПЛАТА ОД 100 ДЕНАРИ, УТРЕ ЌЕ ИМ СЕ ИСПЛАТИ ОСТАТОКОТКомуналното претпријатие во Виница има долгови поради плаќања за судски извршувања за околу 1,3 милиони денари. Општинската зграда (Фото: СДК.МК)

    Вработените во Јавното комунално претпријатие „Солидарност“ во Виница утре ќе добијат полна плата, најавува директорот Александар Трајков, откако на 106 вработени деновиве им била исплатена дел од мајската плата од 100 денари.

    Раководството на ЈП „ Солидарност“ објаснува дека поради финаниските проблеми што подолго време ги имаат поради застарени долгови и ненаплатени побарувања, биле приморани на овој чекор, со цел прво да бидат подмирени обврските спрема државата, а вработените да имаат обезбедено пред сѐ здравствено осигурување што во ова време било многу важно за сите.

    Станува збор за плаќања за судски извршувања за околу 1,3 милиони денари. Причина за таквата ситуација, според Трајков, се натрупаните долгови за регрес за годишен одмор и за награди на вработените од 2014 до 2017 година. Во изминативе три години, само по овој основ биле исплатени осум милиони денари.

    „Од почетокот на овој месец работиме на тоа да обезбедиме средства за полна плата. Настојуваме во текот на утрешниот ден да биде полн платниот фонд и се надеваме дека уште истиот ден вработените ќе ја добијат комплетната плата за месец мај“ , вели Трајков.

    Сличен случај пред неколку месеци имало и во една штипска приватна компанија кога на вработените им била исплатена плата од само два денара. И тие вработени немале земено плата за повеќе месеци, па поднеле барање за отворање стечајна постапка и судско измирување на побарувањата што вработените ги имале по основ на плати и придонеси.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира